Арсовска: Обвинителството три години молчи за кривичната против „Усје“

Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, јавно реагираше дека Јавното обвинителство и по три години нема постапено по кривичната пријава поврзана со загадувањето што, според неа, било утврдено кај „Титан Усје“. Во објава на социјалните мрежи, Арсовска тврди дека цементарницата согорува 4.400 тони отпад годишно и дека е најголем увозник на отпад во државата, посочувајќи дека институциите „итно“ реагираат кога темата е политички корисна, но молчат кога, како што вели, „животот на сите ни е загрозен од секојдневно труење“.

Нејзината реакција доаѓа во момент кога граѓанските организации повторно ја отвораат темата за индустриските извори на загадување во Скопје. „Зелен хуман град“ соопшти дека до Советот на Град Скопје поднеле иницијатива за дислокација на цементарницата „Усје“, со барање Советот да заземе јасен став дека тешка и високозагадувачка индустрија нема место во густо населено подрачје. Во иницијативата, од ЗХГ се повикуваат на податоци од платформата Climate TRACE и наведуваат дека „Усје“ е меѓу најголемите емитери на ПМ2.5, односно во групата на највисоки 10% емитери на глобално ниво, а потсетуваат и на инспекциски наоди од 2023 година и на кривична пријава поднесена во јануари 2023 година.

Од „Титан Усје“ демантираат дека се изворот што се посочува во јавноста. Во реакција пренесена од медиумите, компанијата вели дека обвинувањата се неосновани и дека не се поткрепени со научни и мерливи факти, нагласувајќи дека работењето е под 24-часовен независен мониторинг и дека мерењата покажуваат вредности под законски дозволените лимити. Според компанијата, цементарницата се користи како „изговор“, а причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.

Паралелно со институционалната расправа, ЗХГ најави дека на 25 декември повторно е закажана граѓанска блокада, како продолжение на притисокот што со години се повторува секоја зима: кога градот влегува под „капак“, граѓаните бараат конкретна одговорност и конкретни мерки, а не уште еден круг на меѓусебни деманти.

Зачлени се на нашиот е-билтен