Град Скопје достави 20 предмети до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, обвинувајќи ја Општина Чаир за незаконска легализација на цели 12-катни згради. Според градоначалничката Данела Арсовска, секој објект тежи над еден милион евра, додека неплатените комуналии за една зграда изнесуваат најмалку 1,5 милион евра.
Арсовска тврди дека во Чаир веќе никнале повеќе од 150 вакви згради, со што буџетот бил оштетен за околу 225 милиони евра. Таа прикажа сателитски снимки што покажуваат дека зградите не постоеле во 2017 година, иако барањата за легализација се водат како поднесени пред 2011-та. Во еден случај, инвеститорот наводно поднел документ кога имал само 12 години.
Според градоначалничката, првиот човек на Чаир, Висар Ганиу, „знал или морал да знае“ за овие активности, бидејќи општината сама признала дека има 13 000 предмети за легализација. Таа предупреди дека станарите ризикуваат да купуваат станови во објекти без основен правен статус и најави дека финансиската штета ќе ја бара пред надлежните институции.