Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно упати остра критика на социјалните мрежи кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер ВЛЕН, објавувајќи статус придружен со фотографија на Орце Ѓеорѓиевски и Изет Меџити.
„Нека ви се честито дивоградбите,“ напиша Арсовска, обвинувајќи дека зад тековната акција за чистење на градот стои политички инат и манипулација со јавноста. Таа посочи дека „истите тие што создадоа хаос, сега сакаат да изгледаат како спасители кои ќе го исчистат ѓубрето за 72 часа“.
Арсовска тврди дека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се на власт во Град Скопје веќе четири години, со целосна контрола над сите јавни претпријатија, установи и училишта. Според неа, токму нивните членови на управните одбори се одговорни за состојбата со Комунална хигиена Скопје и ЈСП, а не градската администрација.
Како дополнителен пример, Арсовска ја спомена Јулијана Спировска, претседателка на Управниот одбор на Комунална хигиена, која, како што вели, е „правосилно осуден криминалец за две кривични дела и четири години го управува ѓубрето во Скопје“.
„Кога ќе создадеш хаос, за потоа да се појавиш како херој што ќе го исчисти за 72 часа – тоа не е способност, туку лицемерие,“ порача Арсовска, додавајќи дека зад сè стои обид „вистинскиот криминал да се сокрие зад јавните акции“.
Ова е уште еден во низата јавни судири меѓу градоначалничката и партиите што ја поддржаа на локалните избори во 2021 година, а кои подоцна станаа нејзини најжестоки политички противници.
(Фото: Facebook/Danela Arsovska)