Артан Груби и натаму во домашен притвор, обвинителството чека исказ

Најчевска

Артан Груби и натаму останува во домашен притвор, а истрагата за предметот поврзан со Државна лотарија продолжува без негов официјален исказ пред обвинител. Иако одбраната веќе подолг период врши увид во обемната документација, поранешниот вицепремиер сѐ уште не се произнел за сомнежите што му се ставаат на товар.

Мерката му е продолжена по барање на Обвинителството, а одлуката ја прифатил скопскиот Кривичен суд. Тоа значи дека Груби останува под 24-часовен полициски надзор во домашни услови, наместо во истражен притвор, додека обвинителската постапка и натаму тече.

Случајот повторно се врати во фокус откако Груби на 23 февруари беше лишен од слобода на граничниот премин Блаце, при влез во земјата, по меѓународна потерница. Тој е осомничен во предмет што се однесува на наводна проневера во Државна лотарија, при што според досега објавените информации штетата за буџетот се проценува на околу 8,2 милиони евра.

Кога првпат беше побаран куќен притвор, обвинителството образложи дека голем дел од доказите веќе се обезбедени, дека осомничениот доброволно се пријавил на органите на прогонот и дека постојат индиции оти во притворското одделение не може целосно да му се гарантира личната безбедност. Во меѓувреме, увидот во списите продолжува, а одбраната најавува дека по завршувањето на таа фаза ќе следува и неговата одбрана.

Зачлени се на нашиот е-билтен