Артемис 2 се врати дома, астронаутите признаа дека летот до Месечината не бил лесен

Екипажот на „Артемис 2“ првпат јавно се обрати по историската мисија околу Месечината, откако четворицата астронаути се вратија на Земјата по речиси десетдневен лет. Нивното враќање беше проследено со свечен пречек во Хјустон, само еден ден по успешно спуштање на капсулата „Орајон“ во Пацификот, со што заврши првата човечка мисија кон Месечината по повеќе од половина век.

Во првото обраќање по мисијата, командантот Рид Вајсмен порача дека искуството било голем сон, но и тежок човечки тест. Тој рече дека летот не бил лесен и дека, иако пред полетувањето сè изгледа како најголемиот сон на Земјата, кога човек е толку далеку од дома најсилно посакува повторно да им се врати на семејството и пријателите. Таа порака го одбележа и емотивниот тон на настапот на екипажот, кој мисијата ја опиша како длабоко лична и преобразувачка.

„Артемис 2“ испиша и нов рекорд во човечките вселенски летови. Според НАСА, астронаутите стигнале до 252.756 милји, односно повеќе од 405.000 километри од Земјата, со што го надминале рекордот што го држеше екипажот на „Аполо 13“ од 1970 година. Мисијата беше и прва потврда дека системите на „Орајон“ и ракетата СЛС можат безбедно да носат луѓе во длабока вселена и назад.

Посебен впечаток од јавниот настап остави и Кристина Кох, која зборуваше за чувството кога Земјата се гледа опкружена со целосна темнина. Таа ја опиша нашата планета како кревок простор за живот во огромниот космос, додека и другите членови на екипажот говореа за блискоста што се создава меѓу луѓе кои заедно минуваат низ вакво искуство. Со успешното враќање на „Артемис 2“, НАСА сега го насочува вниманието кон следната фаза од програмата, која треба да го подготви патот за нови мисии и за враќање на човекот поблиску до лунарната површина.

Зачлени се на нашиот е-билтен