Авиони со најголем простор во економска класа во 2026: кои се лидерите?

Најголем простор во економска класа во 2026 нудат неколку авиокомпании што и понатаму ја одржуваат „старомодната“ идеја дека удобноста во економска не мора да биде жртвувана, покажува споредбата на авијациски медиуми и податоци од самите превозници, каде клучната мерка е т.н. растојание меѓу редови, односно „seat pitch“ – дистанцата меѓу истата точка на две последователни седишта, што директно се чувствува како простор за колена.

Во пракса, индустрискиот „нормален“ опсег за економска најчесто се движи околу 30–32 инчи, а сè што оди кон 34 инчи обично се смета за надпросечно просторно и полесно за долги летови. Токму затоа, најмногу внимание привлекуваат Japan Airlines и ANA, кои во дел од своите далекувозни конфигурации одржуваат приближно 84–86 сантиметри, односно 34 инчи растојание меѓу редови, што е реткост во време кога многу компании го „стегаат“ задниот дел од кабината.

Емирати, пак, во зависност од типот на авион и распоредот на кабината, се движи во опсег што често се наведува како 32–34 инчи, што ја позиционира меѓу комфорните опции во економска класа на долги релации. Кај американските превозници, JetBlue најчесто се споменува како исклучок што држи околу 32 инчи и го гради брендот токму на „пошироко“ искуство во основната класа.

Во азискиот сегмент, Cathay Pacific и Singapore Airlines најчесто се вртат околу 32 инчи во економска класа на дел од своите широкотрупни флоти, што не изгледа драматично на хартија, но во кабината често прави разлика меѓу „собрано“ и „подносливо“, особено за патници со повисок раст. При тоа, и самите анализи предупредуваат дека бројките не се универзални: истата авиокомпанија може да има различен простор поради различни авиони, години на ентериер и конфигурации по рути, па најсигурно е пред резервација да се провери конкретниот распоред за конкретниот лет.

Зачлени се на нашиот е-билтен