Двајца австралиски тинејџери поднеле тужба пред Високиот суд против историската одлука за забрана на социјалните мрежи за деца, тврдејќи дека законот е неуставен затоа што им го ускратува основното право на слободна комуникација.
Според новиот закон, кој стапува на сила на 10 декември, компаниите како Мета, ТикТок и Јутјуб нема да смеат да дозволат корисници помлади од 16 години да отвораат профили на нивните платформи, пишува BBC.
Владата: Нема да дозволиме да нè заплашуваат
По објавувањето на веста за тужбата, министерката за комуникации Аника Велс изјави во парламентот дека Владата нема да се повлече пред притисоците.
„Нема да дозволиме да нè заплашат со закани. Нема да дозволиме да нè заплашат со правни предизвици. Нема да дозволиме да нè заплашат големите технолошки компании. Во име на австралиските родители, остануваме цврсти“, рече таа.
„Ова е како Орвеловата 1984“
Петнаесетгодишните Ноу Џоунс и Мејси Нејланд, со поддршка од здружението за дигитални права Digital Freedom Project (DFP), тврдат дека законот целосно ги занемарува правата на децата.
„Не треба да нè замолчуваат. Ова е како Орвеловата 1984, и тоа ме плаши“, изјави Нејланд.
Од DFP, кои во средата поднеле тужба до Високиот суд, велат дека тинејџерите се потпираат на социјалните мрежи за информирање и дружење. Предупредуваат дека забраната најмногу ќе им наштети на најранливите – младите со попреченост, припадниците на Првите народи, децата од рурални и оддалечени подрачја, како и на ЛГБТИК+ тинејџерите.
Здружението, предводено од пратеникот од Нов Јужен Велс, Џон Радик, го темели правниот предизвик на влијанието на забраната врз политичката комуникација и прашањето дали таквата мерка е пропорционална на целите на законот.
„Мрзлива политика“
Наместо целосна забрана, DFP предлагаат други мерки за подобрување на онлајн безбедноста, како програми за дигитална писменост, задолжително воведување опции соодветни за возраста и технологии за проверка на возраста кои подобро би ја заштитиле приватноста.
Ноу Џоунс ја нарече политиката на Владата „мрзлива“.
„Ние сме вистински дигитални домородци и сакаме да останеме образовани, силни и вешти во нашиот дигитален свет… Треба да ги штитите децата со заштитни мерки, а не со молк“, рече тој.
Иако технолошките компании се спротивставуваат на законот, анкетите покажуваат дека мнозинството возрасни Австралијци го поддржуваат. Сепак, некои експерти за ментално здравје предупредуваат дека забраната може да ги лиши децата од важни социјални врски, додека други стравуваат дека ќе ги турне во уште помалку регулирани делови од интернетот.
Претходно беше објавено дека и Гугл, сопственикот на Јутјуб, размислува за покренување уставна тужба, пишува Index.

