Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска планира телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со кого ќе разговара за потенцијални воени акции против Иран, објави Аксиос, цитирајќи тројца американски претставници.
Според неименувани извори на кои се повикува американскиот портал, САД сакаат да го искористат овој разговор за да се обидат да влијаат на одговорот на Израел на иранските провокации.
– Сакаме да се увериме дека Израел напаѓа цели во Иран кои се значајни, но не несразмерно, рече еден американски функционер.
Белата куќа не одговори на барањето за коментар за наводите.
Иран минатата недела лансираше ракети кон Израел, но во нападот немаше жртви. Вашингтон го нарече нападот „неефикасен“, додека Нетанјаху предупреди дека „најголемиот непријател на Израел, Иран“ ќе плати за ракетниот напад, што ги зголемува стравувањата од поширока војна во регионот.
Америка и другите сојузници го повикаа Израел на прекин на огнот во Газа и Либан, но официјален Израел најави дека ќе продолжи со воените операции додека Израелците не бидат безбедни.