Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бајден: Израел може да продолжи со операциите во Газа доколку Хамас го прекрши договорот

 Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа објасни дека „Израел секогаш ќе има право да се брани од заканите по неговата безбедност и да ги изведе одговорните за 7 октомври пред лицето на правдата“, пренесоа израелските медиуми.

Во обраќањето од Белата куќа, Бајден вчера презентираше договор од три фази што Израел им го предложи на екстремистите од Хамас, што според него ќе доведе до ослободување на преостанатите заложници од Газа и може да стави крај на речиси осуммесечната војна.

Американскиот лидер оцени дека Хамас „повеќе не е способен“ да изврши уште еден голем напад врз Израел и апелираше до Израелците и Хамас да постигнат договор за ослободување на заложниците за продолжен прекин на огнот.

– САД секогаш ќе се погрижат Израел да го има она што му треба да се брани, рече тој.

– Ако Хамас не ги исполни своите обврски од договорот, Израел може да продолжи со воените операции. Но, Египет и Катар ме уверија дека продолжуваат да работат за да обезбедат дека Хамас нема да го стори тоа, додаде Бајден.

Тој го претстави предлогот за договор во време кога израелската армија потврди дека нејзините сили дејствуваат во централните делови на Рафа и дека ја проширува својата офанзива во јужниот град во Газа.

Американскиот претседател тоа го нарече „вистински дефинирачки момент“, додавајќи дека Хамас изјавил дека сака прекин на огнот и оти договорот во фази на Израел е можност да докаже дали тоа и го мисли.

Израел почна војна во Газа по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври, кога палестинските екстремисти ја пробија границата и навлегоа на јужна израелска територија, убивајќи околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираа повеќе од 250 заложници.

Според палестинските власти, повеќе од 36.000 Палестинци, главно жени и деца, досега се убиени во израелската офанзива во Газа.

Израел тврди дека околу 100 заложници се уште се држат во Газа, а се верува дека таму се телата на уште 30 киднапирани.

Преговорите за прекин на огнот се во застој од почетокот на мај по напорите на САД и другите посредници да обезбедат договор со надеж дека ќе се спречи планираната израелска инвазија на Рафа.

Главната пречка беше барањето на Хамас војната да заврши и израелската армија целосно да се повлече во замена за ослободување на сите заложници, што Израел го одби.

На крајот од својот говор во Белата куќа, Бајден рече дека „време е војната да заврши, да почне денот потоа“.

– Време е да почне нова фаза, заложниците да се вратат дома, Израел да биде безбеден, страдањето да заврши, рече американскиот претседател, апелирајќи до лидерите да го прифатат договорот, да го направат вистински, постојан и да обезбедат подобра иднина од трагичните терористички напади и војна.

Најново