Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бајден: Израел претера во воениот одговор во Газа

Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа изјави дека бил претеран воениот одговор на Израел во Појасот Газа.

– Јас навистина се залагам хуманитарната помош да стигне во Газа. Јас сум и за прекин на огнот, за да се овозможи ослободување на заложниците. Сето ова мора да престане што поскоро, има многу невини луѓе, многу оние кои гладуваат, кои се во неволја и кои умираат, посочи Бајден.

Белата куќа соопшти дека нема да поддржи никакви планови на Израел за голема воена операција во Рафах, јужниот дел на Појасот Газа.

Градот на границата со Египет деновиве е под силно израелско бомбардирање.

– Секоја голема воена операција во Рафах во овој момент, под овие околности, со повеќе од милион или милион и пол Палестинци кои побарале засолниште во Рафах, без да ја земат предвид нивната безбедност, би била катастрофа. Ние не го поддржуваме тоа, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Претходно и генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш предупреди на опасност од хуманитарна катастрофа и последици за целиот регион доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафах.

– Половина од населението на Газа сега е во Рафах и нема каде да оди. Информациите дека израелската војска планира да ги фокусира следните операции на Рафах се алармантни. Таквата акција експоненцијално ќе го влоши она што веќе е хуманитарен кошмар со неописливи регионални последици, објави Гутереш на Икс.

Зачлени се на нашиот е-билтен