Бајру пред пораз: Франција во нова политичка криза, буџетот и рејтингот на удар

Франсоа Бајру, четврти премиер на Франција за три години, денеска се соочува со речиси сигурен пораз на гласањето за доверба, ризикувајќи уште поголема политичка неизвесност во втората по големина економија на еврозоната. Опозицијата од левица и десница најави дека нема да ја поддржи владата, откако Бајру побара доверба во пресрет на рестриктивниот буџет, што ја продлабочува институционалната блокада по изборите од 2024 година кога ниту една сила не освои јасно мнозинство.

Ако кабинетот падне, претседателот Емануел Макрон ќе треба повторно да именува премиер и да состави коалиција која би го протуркала буџетот — сценарио што доаѓа помалку од една година по историската недоверба со која беше соборен претходникот Мишел Барние. Низ актуелниот распоред на сили клучна може да стане соработката со социјалистите или дел од републиканците, но цената би била сериозни политички компромиси.

Бајру ја оправдува довербата со итноста на фискалната консолидација: за 2026 најави пакет од околу 44 милијарди евра кратења, идеи за укинување два државни празника и повисоки давачки за пензионери — мерки што предизвикаа жесток отпор и од левица и од крајната десница.

Француските јавни финансии се под силен притисок: дефицитот лани остана далеку над европскиот лимит од 3% од БДП (околу 6% според европските и независни проценки), а јавниот долг се движи околу 113% од БДП во 2024 и може да расте натаму без веродостоен план. ММФ проектира дефицит од 5,4% во 2025 под услов мерките навистина да се усвојат, додека Европската комисија и француската статистика предупредуваат на повисок долгорочен товар.

Пазарите веќе реагираат: приносите на француските 30-годишни обврзници се искачија на највисоко ниво од 2009, а агенциите за кредитен рејтинг го следат исходот од довербата и буџетот со зголемено внимание. Нов погрешен чекор може да значи ново намалување на рејтингот и поскапо задолжување за Париз.

Во поширокиот европски контекст, дополнителна нестабилност во Париз доаѓа во момент кога на Унијата ѝ е потребно поголемо единство околу Украина, односите со Кина и трговските тензии со САД — теми каде Франција традиционално игра водечка улога.

Зачлени се на нашиот е-билтен