Балканот со најопасен воздух во Европа: Зимскиот смог во Сараево го „гаси“ животот на илјадници луѓе

Ново истражување покажува дека загадувањето со ситни честички на воздухот на Балканот во зимските месеци е највисоко во Европа, а во одредени денови се мерат нивоа што се споредливи со најзагадените градови во светот, како Пекинг.

Професор Андре Прево од Институтот Пол Шерер (PSI) во Швајцарија предупредува дека зимските концентрации на честички во земјите од Балканот се алармантни. „Зимите на Балканот се со највисоко загадување во Европа. Нивото често е повисоко од оној во Пекинг, а некои денови се меѓу највисоките во светот. Концентрациите на сулфур диоксид се и до 30 пати поголеми отколку во Западна Европа“, истакнува Прево.

Проценките покажуваат дека околу 3.300 луѓе годишно прерано умираат во Босна и Херцеговина поради изложеност на загадениот воздух.

Истражувачите од PSI за да добијат точни мерења, користеле специјално опремен комби со современи сензори и во текот на зимата возеле повеќе кругови низ Сараево. Секој круг траел околу 90 минути, а дневно правеле и до шест круга.

„Еден од најтешките делови од истражувањето беше долгото стоење во сообраќајот, возење низ тесни улици и стрмни нагори и надоли. Во некои вечери смогот беше видлив со голо око. Во стамбените населби се чувствуваше чад од дрво и јаглен, а во центарот на градот – мирис на скара, особено ќевапи“, вели Мајкл Баер од PSI.

Резултатите покажуваат дека нивоата на загадување ги надминуваат дневните препораки на Светската здравствена организација дури 66% од времето, а во некои случаи и повеќе од осум пати. Најзагадени се стамбените зони, каде што доминира греење на дрво, јаглен и отпад, со високи концентрации на канцерогени полициклични ароматични јаглеводороди.

Проблемот дополнително го влошува застарениот возен парк – просечно возило во Сараево е старо 19 години, а околу 10% се произведени пред воведувањето на современите европски стандарди за емисии.

„Кување на храна во централните ресторани дава значителен придонес кон загадувањето во градскиот центар, каде греењето е помалку застапено. Мирисот на скара во центарот понекогаш беше толку силен што потсетуваше на северна Индија – буквално можеше да се почувствува во устата“, додава Баер.

Студијата на Програмата на Обединетите нации за развој (UNDP) препорачува подобра изолација на објектите, централно греење, топлотни пумпи, контрола на печки и јакнење на јавната свест. Дефинирани се девет приоритетни зони во Сараево каде што до 2033 година треба да се намали греењето на цврсти горива за 90%.

Зачлени се на нашиот е-билтен