BBC: Г7 разгледува пуштање на итните резерви на нафта, одлука сѐ уште не е донесена

Г7 разгледува пуштање на итните резерви на нафта, но одлука сѐ уште не е донесена, објави BBC, повикувајќи се на соопштение на Меѓународната агенција за енергија по состанокот на министрите за финансии на групата. Според BBC, се разгледува можноста, во координација со ИЕА, на пазарот да бидат пуштени 300 милиони барели за да се ублажи недостигот на нафта предизвикан од тековниот конфликт.

Доколку таков потег биде потврден, тоа би значело ослободување на околу една четвртина од вкупните итни резерви и интервенција поголема од двојно во однос на досегашниот рекорд од април 2022 година, по целосната руска инвазија врз Украина, наведува BBC. ИЕА, сепак, соопштила дека за идејата се разговарало, но не потврдила ниту точна количина, ниту дека ослободувањето на резервите навистина ќе се случи.

Извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, изјавил дека биле разгледани сите достапни опции, вклучително и можноста итните резерви на агенцијата да му бидат ставени на располагање на пазарот. Тој додал дека состојбата на глобалните пазари на нафта се влошила во последните денови и дека војната создава значајни и растечки ризици за пазарот, при што ИЕА останува во контакт со министри за енергетика од повеќе земји, меѓу кои Саудиска Арабија, Бразил, Индија, Азербејџан и Сингапур.

По состанокот, францускиот министер за финансии Ролан Лескир изјавил дека Г7 „сѐ уште не стигнала дотаму“ кога станува збор за пуштање на итните резерви на нафта. Но, според неговата порака, групата се согласила дека ќе ги употреби сите неопходни алатки, доколку биде потребно, за да го стабилизира пазарот, вклучително и потенцијално ослободување на нужни залихи.

Зачлени се на нашиот е-билтен