BBC: Неточности во говорот на Трамп за војни, цени и вработеност

Трамп
EPA/WILL OLIVER

Неточности во говорот на Трамп за Состојбата на Унијата се во фокусот на анализа на BBC, откако американскиот претседател во обраќањето во Конгресот на 24 февруари 2026 година изнесе низа тврдења за „завршени војни“, цени, вработеност, инвестиции и имиграција. Според AP, станува збор за говор во кој Трамп тврдеше дека САД повторно „победуваат“, дека инфлацијата паѓа, горивата се поевтини и дека во првите десет месеци од мандатот завршил осум војни.

Во делот за надворешната политика, BBC, го оспорува тврдењето дека Трамп „завршил осум војни“, посочувајќи дека самиот навел седум случаи, а дел од нив не може да се квалификуваат како војни во класична смисла. Во анализата се наведува дека „војна меѓу Србија и Косово“ немало, дека спорот меѓу Египет и Етиопија е политички спор околу браната на Нил, а не војна, како и дека некои од конфликтите биле краткотрајни или со ограничен опсег.

Текстот се задржува и на економските тврдења, каде Трамп во говорот порача дека претходната администрација создала високи цени, а неговата брзо ги намалува. Според BBC, цените во САД и натаму растат, а како пример се наведува и говедското месо, за кое Трамп тврдел дека поевтинува, додека анализата посочува раст на цената во текот на неговиот мандат. Слична линија се појавува и во други медиумски проверки, вклучително и во The Guardian, каде се наведува дека дел од тврдењата за цени, гориво и економски резултати се преувеличени или спорни.

Во говорот, според AP транскриптот, Трамп изјави и дека во последните девет месеци „нула илегални странци“ биле примени во САД, како и дека бензинот е под 2,30 долари во повеќето држави. BBC, преку анализата, прави разлика меѓу бројот на пуштени мигранти и фактичките илегални преминувања, укажувајќи дека и понатаму има апсења на границата, иако бројките се значително пониски од претходните години. Истовремено, во јавната проверка на говорот се оспоруваат и формулациите за „раширена изборна измама“, за кои не се нудат докази што би ја поткрепиле таквата широка оценка.

Случајот повторно покажува дека пораките од големи политички говори брзо стануваат предмет на медиумски и фактографски проверки, особено кога се работи за спорни статистики, политички квалификации и меѓународни конфликти. Во овој контекст, анализата на BBC, ја става тежината не само на тоа што било кажано, туку и на тоа како таквите тврдења се поткрепуваат со податоци и контекст.

Зачлени се на нашиот е-билтен