Албанскиот претседател Бајрам Бегај, на конференција во Тирана на академици од Албанија и Косово, рече дека демографската криза е факт кој не може да се отфрли.

На Конференција посветена на еден од најголемите предизвици на развојот: демографските промени и динамиката на пазарот на трудот, тој меѓу другото посочи дека бројот на учениците е во постојан пад, а поради заминувањето на работоспособното население од Албанија, присутен е недостиг на пазарот на труд.
Мораме, рече тој, да го предвидиме бранот на демографски промени и да „изградиме долгорочни стратегии и добро осмислени и координирани политики“.
„Неопходно е прецизно и брзо спроведување на овие стратегии и политики за да се избегнат последиците. Песимистичките прогнози и загрижувачката демографска реалност покажуваат дека ако денес одложиме или направиме грешка, утре нема да имаме втора шанса“, порача Бегај.
Според него „сегашните и очекуваните демографски случувања влијаат врз темелите на општество: безбедноста, семејството, вработувањето, благосостојбата и развојните перспективи“.
Бегај наведе дека соработката во сите области меѓу Албанија и Косово и Албанците во регионот се приоритет, бидејќи оцени дека само на овој начин може да се создадат повеќе можности, поголема стабилност и поголема надеж за млади луѓе.