Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Беким Максути нема да одговара за несервисираните „ер трактори“ – Обвинителството не нашло кривично дело

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути нема да одговара за несервисираните „ер трактори“ кои не беа во функција за време на големите пожари летото 2021 година.

Обвинителството не нашло кривично дело постапувајќи по кривичната пријава која пред неколку години ја поднесе „Левица“, a со која бараше одговорност за Максути за несервисираните „ер трактори“ кои не можеа да се користат во екот на големите пожари низ Македонија кога изгореа 450 илјади кубни метри шума, а проценетата штета надмина 30 милиони евра.

Обвинителството собрало докази, но не нашло елементи за кривично дело ниту за постапките за јавни набавки за поправка и сервисирање на авионите, ниту дека Максути несовесно работел.

-Пo поднесената пријава од една политичка партија, постапуваше јавен обвинител ОЈО ГОКК кој во предистражна постапка прибави материјални докази од кои произлезе дека во дејствијата преземени од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување нема елементи на законско битие на кривично дело што е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи прибраните докази упатуваат на фактот дека постапките за јавните набавки за поправка и сервисирање на авионите во 2020 и 2021 година биле спроведени во согласност со одредбите од Законот за јавните набавки. Во однос на евентуално постоење на кривичното дело Несовесно работење во служба од чл. 353 – в од КЗ предметот беше доставен на надлежност на ОЈО Скопје, каде јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавениот не се содржани елементи на наведеното кривично дело, велат од Обвинителството во одговор за „Фокус“.

Воздухопловните канадери наречени „ер трактор“, кои имаат капацитет да наполнат три тони вода и кои од небо требаше да ги гаснат пожарите, останаа приземјени кога гореа шумите во 2021 година.

Тогаш Максути откри дека канадерите не биле во функција две години зашто немало кој да ги сервисира, односно немало фирма што е овластена за да им направи сервис.

-Сите три „ер трактори“ се приземјени и не смее да се лета со нив додека не се заврши сервисирањето. Последен пат се употребени во 2019 година, и тоа многу малку, бидејќи во таа година немаше толку голем интензитет на пожари. Оваа година можеби два до трипати ќе требаше да ги употребиме. Ова е многу скапа инвестиција и не е за секој пожар, изјави тогаш Максути.

Ова лето, кога исто така земјава ја зафатија големи пожари, „ер тракторите“ беа сервисирани, но немаше пилоти, па двајцата пилоти кои заминаа во пензија со одлука на влада беа повторно ангажирани со договор на дело.

Максути беше сменет од директорската функција, откако стивнаа и се намали бројот на пожарите.

Не негово место за вршител на должноста беше именува Џеват Селами.

-Селами е дипломиран правник, членувал во повеќе работни група, бил професор во СУГС „Арсени Јовков“, а од 2013 до 2020 година бил раководител на одделение за управување со човечки ресурси, а во моментот е раководител на сектор во Дирекцијата за заштита и спасување, соопштија од Владата кога го именуваа Селами.

Ова лето земјава повторно ја зафатија пожари, па се случуваше да има и до 45 активни пожари во едно деноноќие.

Зачлени се на нашиот е-билтен