Вицепремиерот и иден министер за европски прашања Беким Сали е избран за вршител на должност претседател на Алтернатива, откако досегашниот лидер Зеќирија Ибрахими поднесе неотповиклива оставка на седница на Централното собрание. Со ова, партијата влегува во преоден период во кој новото раководство треба да ја подготви „втората етапа“ на политичкото позиционирање на Албанците во земјата.
Ибрахими во својата објава појасни дека се повлекува од врвната функција по сопствено уверување, а не поради партиско незадоволство или внатрешни пресметки. Одлуката, како што наведува, е донесена за идните политики на Алтернатива и на коалицијата ВЛЕН да ги креира нов тим, со нова енергија и поинаква генерациска перспектива.
Првичниот план на Ибрахими бил да не се кандидира на редовниот конгрес најавен за март или април 2026 година, но динамиката во рамките на ВЛЕН и внатрепартиските процеси го забрзале времето. Наместо „тивко заминување“ на конгрес, тој реши да се повлече веднаш, а Централното собрание со поддршка го избра Беким Сали за в.д. претседател кој ќе ја води партијата до одржување на конгресот.

