– Американскиот претседател Џо Бајден денеска има средба со Националниот совет за инфраструктура и пред состанокот изјави дека САД треба да инвестираат во надежна, и издржлива инфраструктура за следните генерации.
-Бидејќи не е само да се гради инфраструктура, туку да се гради подобра и посилна, изјави тој пред средбата која се одржува зад затворени врати.
Плановите на Белата куќа се изградба на инфраструктура што ќе ги издржи предизвиците на 21 век, како климатските промени, кибер напади и природни катастрофи, но и странските закани и многу повеќе, изјави американскиот претседател.
Посочи дека со новата инфраструктура Американците ќе бидат позаштитени за време на поплави или урагани, кога и покрај стихијата „ќе има вода за пиење или телефоните ќе работат да се јавите на најблиските. Или кога хакерите ги напаѓаат објектите како цевководи, пристаништа или мрежи, тие се спречени и отстранети пред да ги нарушат сервисите“.
Законот за обнова на американската инфраструктура, усвоен на двопартиска основа и потпишан во ноември 2021 година, авторизира 1.2 трилиони долари од кои 550 милијарди одат кон нови инвестициски проекти и програми.
Се работи за изградба на нови и обнова на постоечки аеродроми, патни делници, железнички пруги, или како што кажа Бајден „отстранување на сите оловни цевки во земјата“, како и проширување на високопојасниот интернет, производство на екоколошки чиста енергија и модернизација на дистрибутивната мрежа.
Бајден укажа дека досега веќе се објавени преку 40.000 проекти во 4.500 заедници низ САД.