Белгија јавно му стави рачна на Брисел. Владата во Брисел денеска го отфрли планот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски државни средства за финансирање на Украина, предупредувајќи дека т.н. „заем за репарации“ носи „значителни економски, финансиски и правни ризици“ и дека земјата не е подготвена сама да ги носи тие последици.
Според предлогот на Комисијата, во наредните две години Украина би добила заем од околу 140 до 194 милијарди евра, кој би бил обезбеден со замрзнатите средства на руската централна банка и други руски државни фондови во ЕУ. Парите би се користеле за буџетска поддршка, воени набавки и обнова, а Киев формално би го враќал долгот само ако во иднина Русија плати воени репарации.
Белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево оцени дека шемата е преседан без јасен правен темел. Тој предупреди дека предлогот во сегашна форма не ги адресира предупредувањата на Белгија и дека „не е прифатливо да се користат парите, а Белгија да остане сама да се соочува со ризиците“, алудирајќи на можни тужби од Русија и од приватни инвеститори, но и на удар врз довербата во европскиот финансиски систем.
Причината за тврдата позиција на Брисел е проста: токму во белгискиот „Еуроклир“ се чуваат најголемиот дел од замрзнатите руски државни пари – околу 180 до 185 милијарди евра од вкупно околу 210 милијарди во ЕУ, или околу 90 отсто од сите руски средства што Европејците ги блокираа по почетокот на инвазијата врз Украина. Белгија стравува дека доколку планот се покаже незаконски, ударот – тужби, компензации, загубена репутација – ќе падне токму врз нејзиниот финансиски центар.
Европската комисија тврди дека планот е правно одржлив и дека не се работи за конфискација, туку за користење на каматата и на ликвидните салда како гаранција за заем кој Украина би го враќала само ако Русија плати. Претседателката Урсула фон дер Лајен претходно уверуваше дека Белгија „нема да остане сама“ со ризиците и дека ќе се предвидат колективни гаранции, но белгиските власти сметаат дека во сегашната верзија тие ветувања не се преточени во конкретни механизми.

