Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Белгија во Северното Море ќе го гради првиот вештачки енергетски остров во светот

Белгија на почетокот на идната година ќе почне со изградба на првиот вештачки енергетски остров во светот со електрани на ветер за производство на високонапонска еднонасочна и наизменична струја, кој ќе биде поврзан со белгиската електрична мрежа и со интерконекции со Велика Британија и Данска.

Како што соопшти операторот на проектот, компанијата „Елиа“, белгискиот министер за правда Винсент Ван Квикенборн веќе издал еколошка дозвола за изградба на островот наречен Принцеза Елизабет, кој ќе се наоѓа во заштитената морска област Натура 2000 во Северното Море.

Весникот „Ехо“ објави дека Белгија е на второто место во светот по производство на електрична енергија од офшор капацитет по глава на жител, веднаш зад Данска, при што белгиските електрани на ветер во Северното Море произведуваат 2,26 гигавати струја. Со новиот проект тоа производството се планира да се зголеми до 3,5 гигавати електрична енергија.

Но, реализацијата на проектот зависеше од добивањето еколошка дозвола, бидејќи организациите за заштита на животната средина изразуваа загриженост дека изградбата на островот може да предизвика „потенцијалната штета на биолошкиот диверзитет“.

Сепак, според „Елиа“, во подготовката на дизајнот се водело смета и за животната средина и островот ќе биде изграден на начин што ќе нуди „вистински можности за морскиот биодиверзитет“.

Во образложените на еколошката дозвола министерот Ван Квикенборн наведува дека е добро што „дизајнот ја вклучува и природа“, со што се покажува „моќта на иновативниот пристап, потенцијалот на обновливите извори на енергија и важноста на заштитата на морската средина“.

– Наша цел е понатамошно развивање на Северното Море како електрана за нашата земја. Островот Принцезата Елизабета ќе биде суштинска врска во овој процес, оцени Ван Квикенборн.

Првите турбини на ветер на островот треба почнат со производство на струја во 2028 година, што, според Ван Квикенборн, ќе и овозможи на Белгија да произведува повеќе зелена електрична енергија за своите домаќинства и бизниси.

Белгиската министерка за енергетика Тине Ван дер Стратен оцени дека при изградбата на островот е важно е да се има предвид морскиот живот и над и под водата.

Таа, како што јави дописникот на МИА од Брисел, додаде дека Белгија како е еден од лидерите во сферата на офшор енергија, со изградбата на островот ќе ја забрза својата енергетска транзиција со четирикратно зголемување на капацитетите на електраните не ветер во Северното Море и со нивото поврзување со други земји од регионот.

Според Ван дер Стратен, изградбата на островот Принцеза Елизабет е во рамки на напорите за остварување на амбицијата за трансформација на Северното Море во „зелена енергетска централа“.

– Енергетскиот остров ќе стане центар за офшор енергија од ветерот со што ќе се обезбеди евтина зелена струја за нашите семејства и бизниси, додаде Ван дер Стратен.

Заложбата за трансформација на северноморскиот регион во „зелена енергетска централа“ беше објавена на Самитот за Северното Море, што се одржа во април во белгискиот град Остенде, каде девет европски земји се обврзаа во Северното Море заеднички да произведуваат најмалку 300 гигавати офшор енергијата од ветерот до 2050 година.

Засега не е позната точната сума на средства потребна за изградба на енергетскиот остров, но според најновите проценки, како што објави „Ехо“, трошоците за реализација на проектот ќе достигнат над две милијарди евра. За реализацијата на проектот ЕУ во рамки на својот План за обнова и отпорност, издвои 99,7 милиони евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен