Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Белград на вода“ ќе го „потопи“ и Белградскиот саем

Фото: Синиша Мали/Инстаграм
Фото: Синиша Мали/Инстаграм

Измените и дополнувањата на просторниот план за „Белград на вода“ го избришаа комплексот на Белградскиот саем од мапата на градот. Според плановите ќе преживее само Хала 1, која ужива статус на споменик на културата.

Властите најавија дека под бетонската купола на Хала 1 во иднина ќе се наоѓа операта.

Увидот во измените и дополнувањата на просторниот план за посебни намени за „Белград на вода“ трае до 21 август, а од елаборатот кој е презентиран во јавноста станува јасно дека во проширените граници на новата луксузна населба нема место за Белградскиот саем.

Саемските манифестации по 2027 година ќе се одржуваат во новиот комплекс во Суручин, простор што се подготвува за меѓународната EXPO изложба. Од досегашниот саем според најавите ќе остане само познатата Хала 1, која е заштитена како споменик на културата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека под импресивната бетонска купола ќе ги всели операта и балетот, што го потврди и министерот за финансии Синиша Мали кој објави визуелизации од идниот изглед на овој објект, без да наведе кој е автор на овој проект.

Фото: Синиша Мали/Инстаграм

Авторите сепак сами се пофалија со своето дело. На неколку специјализирани портали за архитектура, објавено е соопштение на британското архитектонско студио „Wilkinson Eyre“ во кое е претставен идниот изглед на Хала 1 од Белградскиот саем, со речиси идентични визуелизации како тие кои ги објави министерот Мали.

Овој проект ќе ја трансформира саемската хала од 1950тите години во дестинација која ќе вклучува три културни сцени, простор за малопродажба и уреден парк.

Дизајнот е фокусиран на бетонската купола на Хала 1, која е изградена помеѓу 1954 и 1957 година со дијаметар од 120 метри. Нејзината нова намена ќе претставува стратешки програмски микс дизајниран да воспостави економски одржлива инфраструктура и постојани приходи во иднина.

Тоа што останува нејасно е кој го ангажирал студиото „Wilkinson Eyre“ за проектот за реконструкција на Хала 1, која и понатаму е главна сала на Белградскиот саем и таа функција, според најавите на властите, треба да ја задржи до крајот на изложбата EXPO 2027. Податоци за распишување на јавен, отворен, меѓународен архитектонски конкурс за ревитализација на овој споменик на културата не може да се најдат. А се уште е непознато и кој ќе го финансира овој проект.

Фото: Синиша Мали/Инстаграм

Српските власти пред една година рекоа дека Хала 1 ќе остане во државна сопственост, додека остатокот од површината каде што се наоѓа Белградскиот саем ќе го презем компанијата „Белград на вода“.

И покрај репутацијата која ја има архитектонското студио, експертската јавност во Србија најавите за трансформација на Хала 1 ги дочека со неверување. Ѓорѓе Бобиќ, поранешен градски архитект, кој почина оваа година, на почетокот на годината изјави дека ваквиот потфат е најбесмисленото нешто што го чул, бидејќи саемската хала е речиси невозможно да се прилагоди во опера.

„Ако би се менувала внатрешноста, би се променил целиот впечаток“ изјави тогаш Бобиќ истакнувајќи дека Хала 1, како носител на титулата најголема купола од бетон на светот има европска и светска архитектонска вредност.

Најавата за претворање во опера, Бобиќ ја сметаше како маркетиншка пропаганда, со цел да се замајува јавноста околу рушењето на саемот.

Извор: Н1

Преземено од Трн.мк

Најново