Белград утринава е зафатен од снежни врнежи, а коловозите на повеќе сообраќајници се влажни и лизгави, со снежна покривка до пет сантиметри, соопштија од ЈП „Патишта на Србија“. Надлежните апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во утринските и вечерните часови кога, поради ниските температури, постои ризик од појава на поледица.
Според извештајот на зимската служба, сообраќајот на главните патни правци во и околу Белград се одвива без поголеми застои, но условите за возење се отежнати. Снег има и на дел од автопатските клучки, како и на регионалните патишта што го поврзуваат главниот град со другите делови на Србија.
Приодите кон граничните премини и кон зимските туристички центри засега се проодни, додека еден патен правец од трет приоритет во западниот дел на земјата е непрооден поради снег.
Надлежните служби информираат дека механизацијата е на терен и дека чистењето продолжува, но повторуваат дека возачите треба да ја приспособат брзината на условите на патот и да избегнуваат непотребни патувања.