Белградската претстава „Повеќе од игра“ гостува во Драмски: четири часа театар што спојува различности

Во рамки на фестивалот РУТА (Регионална унија на театри), вечерва на сцената на Драмски театар – Скопје гостува Београдско драмско позориште со претставата „Повеќе од игра“ во режија на Иван Вуковиќ. Станува збор за адаптација на текстот на Слободан Стојановиќ, инспириран од култната телевизиска серија од крајот на 1970-тите години.

Претставата носи порака за заедништво, разбирање и прифаќање на различностите, надминувајќи идеолошки и општествени поделби. Вуковиќ вели дека за него „Повеќе од игра“ била предизвик и како драматуршка структура и како идеја – серија во театар, со три дела кои можат да се гледаат одделно, но и како единствена целина.

На сцената настапуваат 23 актери и тројца музичари (на хармоника, виолина и саксофон). Комплетната изведба на сите три дела трае шест часа, но за скопската публика вечерва ќе биде прикажана четиричасовна верзија со пауза, која, како што вели режисерот, „ја заокружува приказната и не ја нарушува нејзината целина“.

Беше многу возбудливо да играме со таа форма – серија во продолженија во театар, да создадеме измислено, но живо место кое е и микрослика и макрослика на Србија и на светот. Ова е прво гостување надвор од Србија и се радувам да видам како ќе реагира скопската публика, изјави Вуковиќ на прес-конференцијата во Драмски.

Авторскиот тим го сочинуваат Марија Калабиќ (сценографија), Драгица Лаушевиќ (костимографија), Ирена Поповиќ-Драговиќ (музика), Маја Калафатиќ (сценско движење) и Ѓорѓе Марковиќ (сценски говор).

„Повеќе од игра“ е четвртата од седумте претстави на фестивалот РУТА во Драмски театар – Скопје, кој се одржува од 25 до 31 октомври. Во наредните денови следуваат уште три претстави:

  • Мајки“ на Театар Улисис од Хрватска,
  • Три милиони минути“ на Местно гледалишче љубљанско,
  • и „За цел живот“ на Сарајевски ратни театар – САРТР, со која в петок ќе биде затворен фестивалот.

Зачлени се на нашиот е-билтен