Меѓународниот филмски фестивал во Берлин ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76-то издание на фестивалот ќе биде отворено со светската премиера на филмот „No Good Men“, од наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат, беше објавено на официјалниот портал на фестивалот.
Директорката на Берлинале, Триша Татл, оцени дека Садат е еден од највозбудливите гласови во современото светско кино и дека нејзиното ново дело ги исполнува стандардите на првите два филма „Волк и овца“ и „Параварешгах“.
„Садат продолжува со својата работа за осветлување на животите на авганистанските жени со внесување романса и допир на хумор во возбудлива политичка приказна. Врз основа на вистински настани, ова ќе го направи нашето гала отворање на 76-тото Берлинале уште позначајно“, рече Татл.
Филмот „Нема добри луѓе“ ќе ја прослави својата светска премиера како дел од Специјалната гала програма на Берлинале во Берлинале Паласт, во присуство на актерската екипа и екипата на филмот.
Се очекува голем број истакнати филмски режисери да се појават во Берлин на 76-тото Берлинале.
На отворањето на фестивалот, високо ценетиот режисер и сценарист Шон Бејкер ќе одржи говор во чест на почесната Златна мечка Мишел Јео.
Меѓу гостите кои ќе присуствуваат на премиерите на фестивалските филмови се Сандра Хилер, Жулиет Бинош, Џон Туртуро, Том Кортни и Флоренс Хант.
Најавено е и присуството на Изабел Ипер, Итан Хоук, Нил Патрик Харис, Бела Ремзи, Памела Андерсон, Аманда Сејфрид и други истакнати филмски професионалци.
Меѓународното жири, предводено од германскиот режисер Вим Вендерс, одлучува за наградите Златна и Сребрена мечка во натпреварувачката програма.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, еден ден пред затворањето на фестивалот.
Во селекциската главна натпреварувачка програма за Златната мечка се натпреваруваат 22 филма, меѓу кои „A new Down“ од Јошитори Шиноми, „A voix basse“ од Лејла Бузид, „At the sea“ од Корнел Мундурко, „Dust“ од Анка Блонд, „Everybody Digs Bill Evans“ од Грант Ги и „Josephine“ од Бет де Араухо.
Во селекцијата се вклучени и филмовите „Nightborn“ од Хана Бергхолм, „Rose“ од Маркус Шлајнцер, „The Lonely Man in Town“ од Рајнер Фримел, „The Blonetic Countess“ од Улрике Отингер и други.
Покрај натпреварувачката програма, фестивалот вклучува стотици наслови распоредени во селекциите Berlinale Special, Perspectives, Panorama, Generation, Berlinale Short Films, Forum and Extended Forum, Retrospective and Berlinale Classics и Berlinale Goes to KIC.