Нема замрзнување на платите, такво нешто во никој случај не е кажано. Напротив во последните три-четири години постојано во цел јавен сектор има движење на платите како што се образованието, здравството, безбедносните структури, инспекторатите, судството, обвинителството. Значи секаде каде што е констатирана потреба, секоја година имало корегирање на платите нагоре, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во изјава за медиумите, Бесими повтори дека мора да има системско и финансиски одржливо решение за платите кое ќе важи за целиот јавен сектор бидејќи сегашниот систем на плати, како што рече, е фрагментиран и има парцијални решенија кои делумно ги решаваат работите.
-Во синдикатите гледаме партнер да ги решиме овие работи. Треба да има едно системско, одржливо решение коешто ќе важи за сите во јавниот сектор и со кое ќе нема потреба секои шест месеци да се преговара со синдикатите. Напротив, да имаме решение коешто секоја година ќе важи и тоа во рамки на законот и Општиот колективен договор. Како што минималната плата расте по сила на закон и нема потреба повторно да се преговара, како што пензиите растат по сила на закон, така и со ова решение, рече Бесими.
Барањето на синдикатите просечната плата да се земе како основица, како што кажа Бесими, е прифатливо, но со временска дистанца. Во моментот, посочи, во Министерството за финансии се прават пресметките. (МИА)