Бесплатен скрининг за сколиоза: Општина Центар воведува прегледи за основците од 8 до 14 години

Општина Центар, во партнерство со „Синергија Скопје“, во септември стартува пилот-проект за рано откривање на сколиоза кај учениците од 8 до 14 години во основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „11 Октомври“. Прегледите ќе ги спроведуваат лиценцирани физиотерапевти и ортопеди во училишните простории, со цел навремена детекција и стручна поддршка.

„Здравјето на децата е наш приоритет. Во пубертетот, кога телото брзо се менува, потребно е навреме да реагираме — неправилното седење, мобилните телефони и тешките ранци го оптоваруваат ’рбетот,“ истакна градоначалникот Горан Герасимовски.

Од Здружението „Синергија Скопје“ нагласуваат дека раната дијагноза и редовното следење се клучни за спречување компликации, а навремениот третман им овозможува на децата да живеат целосно нормален живот. Општина Центар, како дел од кампањата за подигнување на свеста за сколиозата, веќе организираше и настан во Паркот на Франкофонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен