Без блокади на „Евзони“ за Водици, но земјоделците најавуваат можно целосно затворање од четврток

Граничниот премин „Евзони“ денеска и утре ќе остане прооден и не се очекуваат блокади од грчките земјоделци, поради празникот Водици во Грција. Како и за Божиќ и за Нова година, земјоделците одлучиле привремено да се воздржат од затворање на преминот, со цел да се олесни движењето на граѓаните и празничните патувања.

Од четврток, сепак, ситуацијата може драстично да се промени. На заеднички состанок на земјоделци од цела Грција, одржан во неделата, беше одлучено да се реализира 48-часовна блокада на националната патна мрежа, споредните патишта, клучните сообраќајници, како и на граничните премини.

Земјоделците кои протестираат кај „Евзони“ најавуваат дека ќе се приклучат на акцијата, но конечната одлука за видот на блокадата ќе ја донесат на состанок закажан за среда. Сè уште не е јасно дали граничниот премин ќе биде затворен само за товарни возила или за целокупниот сообраќај.

Во меѓувреме, на граничниот премин „Меџитлија“ од утринава во 9 часот е во прекин сообраќајот за товарни возила, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), иако засега нема официјална потврда дека причината е поврзана со протестите на грчките земјоделци.

Со ескалацијата на блокадите, се зголемува и притисокот врз грчката влада. Владиниот портпарол Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите најави дека во среда наутро Владата ќе ги соопшти и прецизира мерките што веќе беа најавени како одговор на барањата на земјоделците.

„Ова се мерките и нема да има дополнителни. Нема повеќе трпение“, изјави Маринакис, нагласувајќи дека владата ја исцрпила својата попустливост. Тој предупреди дека продолжените блокади се неподносливи и дека граѓаните веќе подолго време трпат сериозни непријатности поради застојот во сообраќајот, предизвикан од тракторите на патиштата.

Според грчките медиуми, земјоделците ќе почекаат да ги слушнат најавените мерки, по што ќе одлучат дали ќе одговорат позитивно и ќе ги прекинат протестите или ќе продолжат со планираната 48-часовна блокада.

Протестите на земјоделците траат повеќе од еден месец и започнаа на 30 ноември. Нивниот став останува непроменет – подготвени се за дијалог со владата само доколку бидат прифатени сите нивни барања.

Инаку, синоќа, од 18 до 22 часот по македонско време, граничниот премин „Евзони“ повторно беше целосно затворен за влез и излез од Грција за сите возила, што уште еднаш ја наметна неизвесноста за наредните денови.

Зачлени се на нашиот е-билтен