Бугарската агенција БГНЕС ја објави декларацијата која на 21 октомври 2004 година ја потпишала Сања Божиновска, актуелната македонска министерка за енергетика, рударство и минерални суровини во која изјавува дека има „бугарска национална свест и бугарско потекло“.
– На 18 октомври годинава Божиновска свечено соопшти дека „ ниту еден граѓанин на (Северна) Македонија кој стекнал бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин “. Таа тврди дека поднела барање за бугарско државјанство, како и десетици илјади други Македонци, исклучиво од „економски причини“. Божиновска ја нарече постапката „измама со документи воведена од бугарската држава“. Во октомври 2004 година, пак, во изјавата кога аплицираше за бугарско државјанство, Божиновска изјави дека нејзината мајка и татко – Перо и Виолета – биле Бугари – пишува бугарската агенција.
„Ниту еден граѓанин на Македонија не потпишал изјава дека се чувствува како Бугарин, бидејќи тоа го прават бугарските адвокати кои земаат пари за посредување“, ја пренесува БГНЕС објавата на Божиновска на нејзиниот Фејсбук профил од 18 октомври.
На документот кој го објави БГНЕС стои личен потпис на Божиновска на кирилица и на латиница, а не на нејзиниот адвокат, на кој пишува „изјавувам дека имам бугарска национална свест и имам бугарско потекло“.
Агенцијата напоменува дека Божиновска е кривично одговорна според бугарското законодавство доколку приложила лажни податоци во изјавата што ја потпишала. Според нив не држи образложението дека извадила бугарски пасош од „економски причини“ поради тоа што во 2004 година, Бугарија сè уште не е членка на Европската унија, туку станува во 2007 година заедно со Романија.
– Сања Божиновска добро знаела за постапката, бидејќи покрај мајка ѝ и татко ѝ, нејзиниот брат Даниел е бугарски државјанин. Благодарение на личните бугарски документи, Божиновска го завршила високото економско образование во чешкиот главен град Прага под повластени услови, бидејќи е државјанин на земја членка на Европската Унија. Подоцна, таа успеа да добие чешко државјанство поради нејзиниот долгогодишен престој во Чешка – повторно благодарение на нејзиниот бугарски пасош. Божиновска во 2023 година до бугарските институции доставила изјава за престој во странство (Чешка), со која го потврдува работното место – вработена во локална компанија. Работела како директорка во хрватската компанија Руднап како бугарска државјанка. Тоа го потврдува и регистрацијата во Стопанскиот суд во Загреб – наведува БГНЕС.
Бугарската агенција потенцира дека Божиновска освен што е бугарска државјанка и изјавувала дека во септември годинава поднела барање за откажување, сè уште не добила указ за ослободување од државјанство на Република Бугарија.
– Божиновска е сопственик на имоти од над милион евра, а е позната и по своите врски со криминалниот свет. Сопственикот на компанијата „РУДНАП ГРУП“ Воин Лазаревиќ во најмала рака има контроверзна репутација, а неговото име е во т.н. „Панамски документи“. Тој е обвинет за бројни криминални шеми за десетици милиони евра, додека Божиновска раководи со еден од неговите главни бизниси, наведува БГНЕС.
Агенцијата, повикувајќи се на „податоци во Бугарија“ тврди дека околу 200 илјади граѓани на Северна Македонија имаат бугарско државјанство, стекнато врз основа на нивното бугарско потекло, односно „секој петти етнички Македонец има бугарско државјанство и има право на бугарски пасош“.