Делегацијата на Босна и Херцеговина (БиХ) следната недела ќе присуствува на самитот на Берлинскиот процес во Лондон, носејќи етикета на единствена земја во регионот што сè уште не го овозможила слободното движење на своите граѓани во Западен Балкан.
Причината е спротивставеноста на политичарите од Република Српска (РС) кон ратификацијата на договорот за меѓусебно признавање на лични карти со Косово. Додека сите други земји од регионот, вклучително и Србија, веќе овозможиле премин преку граница со Косово користејќи само лична карта, во БиХ овој договор сè уште не е во сила.
Цвијановиќ стави вето
Договорот, потпишан уште во 2022 година, беше блокиран откако членот на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, стави вето, а Народното собрание на РС го поддржа тој потег.
БиХ останува надвор од рамката на заедничкиот регионален пазар – клучен дел од Берлинскиот процес, преку кој Европската Унија се обидува да ја зајакне соработката и поврзаноста на земјите од Западен Балкан.
Парадоксално, додека БиХ го блокира договорот, Косово еднострано им овозможи на граѓаните на БиХ влез без виза од 1 јануари 2025 година.
Аналитичарите предупредуваат дека политичките блокади во БиХ не само што ја оневозможуваат регионалната соработка, туку директно ги погодуваат и граѓаните, кои поради нерешените политички прашања сè уште не уживаат во придобивките од слободното движење во регионот.
Берлинскиот процес
Берлинскиот процес е иницијатива на ЕУ започната во 2014 година со цел зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Во процесот учествуваат шест земји: Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, а се овозможува соработка во области како економија, инфраструктура, образование и слободно движење.
Процесот, исто така, ги собира ЕУ и Обединетото Кралство, создавајќи платформа за политички дијалог и реализација на регионални проекти.