Билјана Драгичевиќ-Пројковска освои „Ристо Шишков“ за најдобро актерско остварување

На 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, Билјана Драгичевиќ-Пројковска ја освои престижната награда за најдобро актерско остварување. Таа беше наградена за улогата на Корин Фел во претставата „Гидеоновиот јазол“ од Џона Адамс, во изведба на Драмски театар од Скопје.

Наградата вклучува златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда од 1.500 евра и плакета, која ќе ѝ биде врачена дополнително.

Претседателот на жири комисијата, ланскиот лаурет Лео Долорес Поповиќ, ја образложи одлуката:
„Во улогата на Корин Фел, мајка што трага по одговори за смртта на својот син, Билјана Драгичевиќ-Пројковска покажува фасцинантна доследност и суптилна самоконтрола во водењето на ликот, остварувајќи моќна и осмислена улога.“

Жирито, составено и од актерот и режисерот од Бугарија, Анастас Попдимитров, како и универзитетскиот професор и драмски автор Иван Додовски, додели и специјална награда за најдобра претстава на фестивалот. Таа отиде кај „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во адаптација и режија на Мартин Мирчевски, во изведба на Народниот театар од Битола.

Годинешното издание заврши со претставата „Мајка“ од Флоријан Зелер, во режија на Јордан Витанов, во изведба на актерите од велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“.

Зачлени се на нашиот е-билтен