Коралите изумираат, а сега научниците ги прават во аквариуми: Зошто е ова толку важно за целиот свет?(ВИДЕО)

Бидејќи коралните гребени се загрозени низ целиот свет, научниците ги одгледуваат во аквариуми.

Нуркачите во холандска зоолошка градина почнаа да градат еден вид Ноева арка од корали, со цел да ги зачуваат коралните гребени со изградба на резервати од овие сложени морски екосистеми во аквариуми.

Со оглед на тоа што поради климатските промени, прекумерниот лов и загадувањето, коралите се глобално загрозени, вработените одговорни за зачувување на загрозените видови во зоолошката градина „Бургерс“ во Арнхем одлучија да создадат посебен резерват за нив.

Откако ќе се подобрат условите, коралите би можеле да се вратат во нивните оригинални живеалишта, рече Ниенке Клеркс, зоо-биолог.

„Со овој проект создаваме корални резервати. Затоа, во случај да изумрат во дивината, сè уште ќе ги имаме во аквариуми“, рекоа службениците.

Поради многу бавната стапка на раст на коралите – од неколку милиметри до неколку сантиметри годишно – ќе поминат години пред некој од нив да може да се врати во своето природно живеалиште. Сепак, дури и во тој случај, условите би морале значително да се подобрат за коралите да продолжат да растат и да напредуваат таму.

Зоолошката градина работи на проект за изградба на корален резерват заедно со Океанографскиот музеј на Монако и два други француски аквариуми, а Клеркс се надева дека повеќе зоолошки градини ќе им се придружат во проектот.

Коралите се многу важни бидејќи нивното исчезнување би ја оставило Земјата без цели екосистеми.

Зошто Големиот корален гребен е во опасност?

Големиот корален гребен е од големо „научно и суштинско значење“, поради што е на списокот на светското наследство веќе 40 години. Се протега 2.300 километри по североисточниот брег на Австралија и всушност е составен од 3.000 индивидуални гребени.

Тоа е еден од најбогатите екосистеми во светот во однос на биодиверзитетот, бидејќи морскиот и растителниот свет коегзистираат со коралните структури.

Постојат околу 400 видови корали, околу 1.500 видови риби и загрозени видови како што е големата зелена желка. Таа, исто така, штити од големи бранови и бури.

Глобалното затоплување е голем проблем и веќе предизвика гребенот да изгуби половина од своите корали од 1995 година. Поголемите и поразгранети видови корали се особено погодени, а голем број растителни и животински видови живеат на нив.

Коралните полипи се многу чувствителни на температурата на морето, па ако водите се потопли, можат да умрат.

Доколку водата беше постудена, гребените би можеле да се опорават, но тоа би траело од 10 до 15 години.

Научниците предупредуваат дека Големиот корален гребен е при крај. Студијата покажа дека поради белењето во 2016 и 2017 година, не останале доволно возрасни корали за правилно да ги регенерираат најтешко погодените области.

Зачлени се на нашиот е-билтен