Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

БИРН: Групата на Радоичиќ користела нови куршуми и ремонтирани мини од Србија

Муницијата што ја користеле членовите на вооружената група за време на конфликтот во Бањска била произведена во српската фабрика Белом во 2022 година, а минофрлачките мини и зољите биле ремонтирани во државните заводи на Србија во 2018 и 2021 година, покажа истражувањето на БИРН.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и Владата на Србија негираа каква било поврзаност со групата предводена од Милан Радоичиќ, која уби косовски полицаец во раните утрински часови на 24 септември во Бањска, северно Косово, а потоа се забарикадираше во манастирот Бањска.

Косовската влада тврди дека вмешаноста на Радоичиќ јасно покажува дека групата имала поддршка од Белград. Радоичиќ ја презеде одговорноста и ги отфрли тврдењата дека има поддршка од институциите на српската држава.

Сепак, истражувањето на БИРН врз основа на анализата на фотографиите и видеата од оружјето објавено од косовската полиција, како интервјуата со експерти за оружје, покажа дека дел од запленетото оружје, што го користела групата на Радоичиќ, поминало низ српскиот државен систем, во некој момент, во претходните пет години.

Новинарите на БИРН беа ангажирани во анализа на оружјето од кое можеше да се прочитаат ознаките, одредувајќи го местото на производството или ремонтот, како и видот на оружјето и годината на производство.

Меѓу запленетото оружје има куршуми со калибар 7,62х39мм за автоматски пушки произведени во фабриката Белом во 2022 година.

Минофрлачки мини и зољите М-80, кои ги заплени косовската полиција, ремонтирани се во 2018 и 2021 година на Техничкиот институт за ремонт во Крагуевац, додека автоматскиот фрлач на гранати М93 во одреден момент бил во Техничкиот ремонтен завод во Чачак.

БИРН, исто така, идентификуваше МРУД, противпешадиски мини со експлозивно насочен ефект, кои Србија инаку ги има во своите воени магацини.

Експертите интервјуирани од новинарите на БИРН тврдат дека ова оружје можело да стигне до Бањска на неколку начини: или било украдено од државни магацини или било продадено на приватни трговци со оружје кои потоа го дале или го продале на Радоичиќ – или некој од државниот врв го предал оружјето.

Претседателот на Воениот синдикат, Новица Антиќ, смета дека оружјето најверојатно било украдено од воените залихи или продадено на приватни трговци со оружје во Србија кои потоа го препродавале на групата на Радоичиќ.

-Јас лично не верувам дека војската го дала тоа оружје директно на групата на Радоичиќ, туку дека тој го добил по некој кружен пат. Значи, или е украдено или оружјето дошло преку приватните трговци со оружје, изјави Антиќ за БИРН.

Тој нагласи дека тоа не ја исклучува можноста да се вмешани некои државни функционери, туку дека групата на Радоичиќ не добила оружје од официјалните „воени единици“.

Воениот аналитичар Александар Радиќ вели дека е тешко да се замисли дека некој би можел да добие толкаво количество тешко оружје без соработка со српските државни функционери.

-Србија има строга контрола врз извозот и не е реално приватните компании да добиле сертификати за крајни корисници, да речеме, да бидат некои африкански земји, а потоа од тоа оружје да земаат пушки за да ги дадат на групата на Радоичиќ.

Одговарајќи на обвинувањата дека вооружената група користела оружје произведено во Србија, министерот за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека тоа не докажува ништо, нагласувајќи дека и косовската полиција користи оружје произведено во Србија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира