Доколку се укине надоместокот за пристап до дистрибутивната мрежа во износ од 200 денари, тогаш евтината тарифа на струјата ќе се зголеми за речиси 15 отсто, а ќе поскапат и блок тарифите, најмногу оние од првиот и од вториот блок. Ова денес на прес-конференција го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, кој, иако не го спомена, сепак, индиректно реплицираше на најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека доколку формира влада ќе го укине овој надоместок. Бислимоски уште нагласи дека ваквите надоместоци се во исклучива надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, а не на политичките партии.
„Ниту некоја партија претходно ја вовела евтината тарифа, ниту пак некоја партија може да укине надоместок за приклучување на дистрибутивна мрежа. Тоа исклучително може да го направи РКЕ и тоа го правиме врз основа на факти, врз основа на бројки кои што секогаш треба да ги штитат интересите на најголемиот дел од домаќинствата“, рече Бислимоски.
Вчера, на промоцијата на изборната програма на партијата „Платформа 1198“, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски, меѓу другото рече дека ќе ја укине тарифата за пристап на мрежа.
„Има една такса која од оваа година РКЕ почна да ја наплаќа, а тоа е пристапот на мрежа, тоа е како да наплаќа некој пристап на тротоар, пристап на улица, пат. Тие одлучиле да наплатат пристап на мрежа за да обезбедат повеќе пари, а да не кажат дека ја поскапеле цената за граѓаните. Ние тоа ќе го укинеме, сепак 200 денари можеби не значи многу месечно, но кога тоа ќе се мултиплицира е доволна заштеда за семејниот буџет“, кажа Мицкоски.
Но, што, всушност, значи воведувањето на надоместокот од 200 денари и што би значело неговото укинување. Еве како тоа го објасни денес Бислимоски, имајќи го предвид моделот врз основа на кој што работи Регулаторната комисија за енергетика.
Според Бислимоски, овој надоместок не обезбедува никакви екстра профити за учесниците на пазарот на електрична енергија, бидејќи моделот предвидува регулиран максимален приход кој што се определува за компанијата „Електродистрибуција“ која што врши дејност за дистрибуција на електрична енергија.
„Доколку ставиме нула денари кај надоместокот за пристап до мрежа, нема да има никаква промена во регулираниот максимален приход на компанијата ‘Електродистрибуција’. Значи, дали ќе има 200 денари или ќе нема 200 денари, приходот е ист. Но, кога ќе ги видиме цените, еве го делот за мрежарина без надоместок, тој ќе се зголеми за 25,59 проценти, врз основа на што цената на електричната енергија во првиот блок (вкупно и енергија и мрежарина) би се зголемила за 9,03 проценти, цената на вториот блок би се зголемила за 7,78 проценти, на третиот за 6,4 проценти, а на четвртиот блок за 3 проценти“, вели Бислимоски.
Најнегативно, според оваа математика, би се одразило на евтината тарифа на струјата, која би се зголемила за 14,53 проценти.
„Најпластично сакав да ви покажам врз основа на моделот според кој ги носиме одлуките за цената на електричната енергија, дека ниту сме дале екстра профит, ниту сме ги оштетиле потрошувачите. Едноставно, воведовме правичен начин на распределување на трошоците за електрична енергија. И сметам дека тие со пет стана не треба да ги жалиме, за споредба со оние коишто имаат редовна потрошувачка на електрична енергија“, рече Бислимоски, реторички прашувајќи: „Зошто, за да ги спасиме овие со пет стана, на тие што имаат редовна потрошувачка да им се зголеми евтината тарифа за 14,53 проценти?“.
Според Бислимоски, тоа биле причините поради кои РКЕ се решила да го воведе надоместокот од 200 денари.
Првиот човек на РКЕ исто така предупреди дека како ќе поминува времето, потрошувачката на електрична енергија сѐ повеќе ќе се намалува. Минатата година имало најниска потрошувачка, а предвидувањата за 2024 година се дека ќе има уште пониска потрошувачка. Причината е поставувањето на многу фотоволтаици на покриви на компании, а започнува сериозен тренд и кај домаќинствата, што ја намалува потрошувачката на електрична енергија.
„Не е фер оние домаќинства коишто не можат да постават фотоволтаици, заради намалена потрошувачка на електрична енергија, да плаќаат за тие што поставиле фотоволтаици. На тој начин ќе удриме на најранливите категории на потрошувачи“, рече Бислимоски.
Тој додаде дека е јасно дека фотоволтаици на своите покриви ќе постават тие што имаат пари, а тие што немаат не можат да постават.
„Апсолутно не сметам дека некој што поставил фотоволтаик и инвестирал за 6 киловати 4,5 до 5 илјади евра, дека му е проблем да плати 200 денари. А доколку не ги плаќа тие 200 денари, цената на евтината струја за овие што не поставиле фотоволтаици треба да се зголеми за речиси 15 проценти“, рече Бислимоски.
Тој исто така нагласи дека одлуки за цени за пренос на електрична енергија, за дистрибуција на електрична енергија, за тарифни системи за пренос, за тарифни системи за дистрибуција, за тарифен систем за универзалниот снабдувач, согласно Законот за енергетика носи само Регулаторната комисија за енергетика, а не политичките партии. (М.Ј.)