Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Битиќи: Мисајловски ја користи командната структура за политички притисоци врз припадници на АРМ

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашања до министерот за одбрана, Владо Мисајловски кое се однесуваше на дискриминација која се спроведува во институциите, преку системски притисоци врз македонските граѓани затоа што се браќа, сестри или блиски на неистомисленици на Владата.

На оваа тема Битиќи од собраниската говорница отвори скандалозен случај со прераспределувањето на братот на градоначалникот на Крушево, кој е од редовите на СДСМ, на работно место во касарната во Велес, на 120 километри од местото на негово живеење, иако постојат касарни многу поблиску – во Прилеп и Кичево.

„Дали ова прераспоредување е мотивирано од професионални или политички причини, и дали Министерството за одбрана под ваше водство ќе продолжи да ја користи командната структура за политички притисоци врз припадниците на АРМ“?

Пратеникот на СДСМ, Битиќи посочи дека македонската јавност е сведок на скандалозен чин на дискриминација, каде што министерката за финансии си дозволи да дели оценки за тоа кој заслужува почит, не по принципи, туку според нејзини лични критериуми.

„Таквото однесување е недопустливо, но уште позагрижувачки е тоа што дискриминацијата не останува само во рамки на тој говор во Собранието – таа веќе се спроведува и во институциите, преку системски притисоци врз граѓани и граѓанките кои немаат друга вина освен што се браќа, сестри или блиски на неистомисленици на Владата. Најновиот случај е токму во Министерството за одбрана, кое вие го раководите. Мајорот Ѓоко Христоски, припадник на Армијата на Република Северна Македонија, брат на актуелниот градоначалник на Крушево, е прераспореден на работно место во касарната во Велес, на 120 километри од местото на негово живеење, иако постојат касарни многу поблиску – во Прилеп и Кичево. Таква одлука, без организиран транспорт и без јасно образложение претставува преседан и отвара сериозен сомнеж дека станува збор за политички мотивиран реваншизам“, рече Битиќи.

Според Битиќи, прераспоредувањето на воено лице на ваква далечина, во отсуство на објективни причини, ја доведува во прашање улогата на Мисајловски како министер.

„Дали Министерството за одбрана функционира според професионални критериуми, или пак селективните прераспоредувања ќе станат нов инструмент за казнување на оние кои не се блиски до актуелната власт? Дали оваа одлука има реална потреба од командно-оперативен аспект, или е директен притисок врз семејството на актуелен градоначалник од опозицијата? Со овој потег, Министерството за одбрана испраќа порака до сите припадници на Армијата – дека не се вреднува нивниот професионализам, туку нивната политичка или семејна припадност. Оваа состојба е крајно загрижувачка, особено кога се работи за човек кој има долгогодишен ангажман во АРМ“, рече Битиќи.

Битиќи нагласи дека ваквото однесување не само што го загрозува интегритетот на Армијата, туку и го компромитира кредибилитетот на државата во рамките на НАТО, каде што Северна Македонија има обврска да почитува принципи на професионализам и непристрасност во воените структури.

Зачлени се на нашиот е-билтен