На жените не им треба охрабрување, вие веќе сте храбри. Не ви треба заштита, вие не сте жртви. Не треба да ви се даде шанса, вие сами си ја земате. Вам жените не ви треба кој било да ви каже кои сте, што можете и колку вредите, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на вториот ден од конференцијата „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите“.
Системските закони за заштита од дискриминација, Истанбулската конвенција, правичната застапеност, родово сензитивните политики и правото на еднакво вреднување на трудот, според вицепремиерот, се реализирани во нашата држава.
-Но, мора да продолжиме да се бориме со сите пречки кои се реалност, но не и факт. Само жените искуствено знаат што значат препреки, заплашување, поттргнување на страна, шеги, што се очекува за да бидат целосни или доволни, сфатени сериозно, изолирани во машкото друштво, објективизирани, етикетирани, сведувани на преемотивни или недоволно женствени. Само жените знаат што цел овој куп значи да се носи одозгора на секојдневниот живот и обврски, нагласи Битиќи.
Јапонскиот амбасадор во земјава Казуја Оцука споделувајќи ги искуствата од Јапонија, истакна дека таму има многу стара традиција каде семејството е најважно, а мажот повеќе се почитува. Претходниот премиер на Јапонија, како што посочи, вовел реформи за да им се овозможи оспособување и јакнење на жените.
-Во реалноста постои разлика меѓу тоа како се третираат жените и мажите, па затоа во просек, во Франција и Германија на пример таа разлика е околу 50 проценти, меѓутоа во Јапонија таа разлика е 22 проценти, имаме поголема разлика во учеството на мажите и жените во однос на европските земји, па затоа одлучивме да воведеме ново правило, а тоа е да се унапреди учеството на жените, односно активното нивно учество во професионалниот живот, рече Оцука.
Лани, како што подвлече, во Јапонија биле воведени нови мерки со кои секоја приватна фирма е задолжена да истражи за тоа колкав е процентот на мажите и жените во фирмата и да се зголеми процентот на жените на раководни позиции.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска нагласи дека жените треба да почнат гласно да градат мостови една со друга за да можат да се поддржуваат понатаму.
-Доаѓам од една специфична институција, каде поголемиот број на вработени се жени, поголем број на раководителките во рамки на УЈП се жени на што особено сум горда. Тука се потврдува онаа девиза дека жените се и многу поодговорни, потранспарентни, чесни, емпатични и секако со високо развиена емоционална интелигенција и навистина безрезервно даваат поддршка на тимот со којшто работат. Мислам дека најдобрите проекти кои се постигнати се направени и имплементирани од страна на жени, рече Лукаревска. (МИА)