„Економските состојби се добри затоа што успеавме да спречиме поголеми удари. Успех е што во 2022 година успеавме да ги вратиме сите работни места што беа изгубени претходно. Во периоди на криза, тоа е одлично“ рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „Македонија наутро“ на МТВ.
Тој додаде дека сценариото за 2022 година беше дека ќе се изгубат 80 илјади работни места, но поради мерките на владата се изгубија само 17 илјади, кои веќе се рекуперирани и на пазарот на труд се вратени сите.
„Во партнерски однос со стопанствениците заедно ги креиравме мерките и политиките. И навистина треба да се аплаудира на нив за нивната флексибилност“ рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека Владата мерките ги донесе во партнерски однос со сите засегнати страни и мерките се носеа постепено, за да се даде период на прилагодување на сите и така се доби посилен ефект.
„Само поради системското решавање на проблемите сме успеале 100 илјади пензионери да ги однесеме над прагот на сиромаштија, кој Светска Банка за земјава го проектира на 14.200 денари“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во „Македонија наутро“ на МТВ.
Тој додаде дека над 100 илјади пензионери добивале пониски пензии од тоа, а со системското решение за два пати годишно раст нап ензиите сега се над овој праг.
„Вака се решаваат проблемите и се подобрува квалитетот на живот. Ова не е доволно, но е податок кој треба да не води за да успемее сите да ги однесеме над прагот на сиромаштија. Од 330 илјади пензионери, имало пензионери кои до пред пет години добивале пензии под 10 илјади денари. Ние сите овие ги носиме нагоре“ рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека со системското усогласување на пензиите, нивниот раст веќе не зависи од политичката волја на политичарите, како што беше тоа претходно и дека сега тие ќе растат два пати во годината, без разлика на желбата на тие што се на власт.