Заменик претседателот во Владата задолжен за координација со економските ресори Фатмир Битиќи, во интервју за „Слободен печат“ вели дека со европскиот план за Западен Балкан, од ветените 6 милијарди евра, Северна Македонија ќе има една милијарда доплнителни средства, надвор од оние што веќе ги добиваме преку ИПА фондовите.
Имаме добра оценка таму каде што сме најсилни – во економијата, вели Битиќи.
„Во вториот кластер, кој покажува дали сте подготвени да бидете составен дел на внатрешниот пазар, од девет поглавја, во седум од нив ние сме оценети како умерено подготвени што значи релативно добро ниво. Во третиот кластер уште подобро стоиме. Со тоа веќе можеме да одиме на следното ниво. Затоа кога велиме дека сме добро подготвени за разлика од другите земји од Западен Балкан, тоа е затоа што стартната позиција ни е добра. Ние треба само да ги продолжиме преговорите, да го направиме последниот консензус и за година дена, јас ви гарантирам, дека сите кластери ќе бидат едно ниво погоре, а за три до четири години ние во кластер два и кластер три можеме 50 посто од поглавјата да ги отвориме и да ги затвориме“, уверува вицепремиерот Битиќи.