Битиќи: За Предлог буџетот знаел само тесен политички круг кој се движи во авторитарна архитектура на моќ(ВИДЕО)

„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, рече Битиќи.

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на стартот на распавата за Предлог буџетот за 2026 година, во Комисијата за финансирање и буџет ја обвини власта дека буџет го носи тајно, без да ги консултираа засегнатите институции.

„За првпат во историјата на спроведување на буџески процедури имаме админситративно изведен Предлог – буџет без суштинска консултација со буџетските корисници, без инклузивен дијалог и без елементарна почит кон процедурите, што ја прават фискалната политика легитимна и одговорна. Министерството за финансии си дозволи арбитрарна позиција, бидејќи за правпат претставници на буџетските корисници не беа повикани во дефинирањето на буџетските приоритети, со што не се разговараше и не се усогласија приоритетите со институциите кои треба да работат за граѓаните. Наместо отворен процес, Предлог буџетот помина во владата во скаратена постапка, без расправа во ниту една матична комисија. Да бидеме искрени биле затекнати и поголем број на министри во владата, со исклучок на тесен политички круг кој комотно се движи во оваа авторитарна архитектура на моќ“, рече Битиќи.

Битиќи обвини дека предложениот буџет на Владата носи рекордно задолжување и историски најголемо плаќање камати.

„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, посочи Битиќи.

Тој нагласи дека парите наместо во развојни проекти се топат во дефицитот.
„Од проектираните даночни приходи од околу 200 милијарди денари, наместо да завршат во училници, операциони сали, лаборатории, патишта и железници, тие ќе исчезнат во јазот на дефицитот и во каматите“, рече Битиќи.

Тој укажа и на сериозно кратење на капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на 40,2 милијарди денари, значително помалку од 47,3 милијарди во ребалансот за 2025.

Битиќи предупреди и на падот на странските директни инвестиции кои паѓаат од 570 милиони евра на 220 милиони евра.

„Средствата за општински инфраструктурни проекти се кратат од 6,3 милијарди на 2,6 милијарди денари, а во технолошко-индустриските зони има само 273 милиони денари. Исто така и евроинтегративните програми се кратат од 4,45 на 3,2 милијарди денари, што е јасен сигнал за оддалечување од ЕУ“ потенцираше Битиќи.

Тој оцени дека 2026 година е подготвена како популистичка или изборна година, со раст на тековните расходи и кратење на капиталните инвестиции.

„Пред нас имаме октроиран буџет на влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. Граѓаните заслужуваат да ја видат вистината. СДСМ ја повикува Владата да повлече ваков модел на волунтаризам и да изготви буџет кој ќе биде легитимен по постапката и развоен по суштината.“, посочи Битиќи.

Зачлени се на нашиот е-билтен