Високата партиска функционерка на ЗНАМ, Весна Бендевска не сака да седи на овалната маса во Владата со субјект кој се договарал со нереформирано ДУИ. Изјавата доаѓа во време на владина криза, откако лидерот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, најави самостојни листи за локалните избори. За ваквата одлука на Таравари, голема врева дигнаа останатите коалициски партии од Вреди, а премиерот Христијан Мицкоски, барајќи спас за Владата, првично му даде шанса на Таравари да избере страна, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ, но вчера му посака „добро здравје“, со што ја расчисти дилемата дека неговата влада останува без еден политички субјект.
По вчерашнта изјава на Мицкоски, Бендевска денеска по речиси една година потсети на предизборната програма на ЗНАМ, при што рече дека во неа има заложби за итна „дедуизација” на општеството.
Еве како Бендевска го објаснува терминот „дуизација“
„Под „дуизација” не подразбираме албанофобија, туку напротив, „дуизацијата” значеше систем на коруптивно и криминално владеење. Систем кој го разори институционалниот систем“, рече потпретседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и потпретседател на Собранието Весна Бендевска.
Вчера премиерот Мицкоски на Таравари му посака се најдобро и најави дека наредната недела ќе го покани на кафе во Владата. Смета дека Владата останува стабилна.
„Јас забележав и мислам дека Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и ДУИ. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба следната недела во која ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам пред сѐ добро здравје. Тоа е она кое што ни е најважно на сите нас. Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса на Албанците и на голем дел на луѓето кои се дел од оваа Влада. Чесно и доблесно беше самиот тоа да го направи да не ја влече Владата за нос и граѓаните, но ете полека, но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои повеќе од 2 децении ја пустошеа, криминалиизраа и ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена“, рече Мицкоски.
Неколку часа по изјавата на Мицскоски, Таравари рече дека „Премиерот Мицкоски во последно време беше и е под голем притисок поради неколку работи и жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на овие ‘уверувања’. Единствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори“.
„Оваа одлука не беше добро примена од страна на албанската група во Владата и тие покренаа илјада алибија. Ние повеќе не сакаме да бидеме дел од оваа клима на гласини и заговори што е создадена. Овие политичари Албанци што се во Владата, за жал, не можат да се променат, тие се потомци на стариот политички менталитет. Сепак, ќе разговарам лично со г. Мицкоски за јасно и точно да му кажам за нашата одлука“, рече Таравари.
Таравари и покрај притисоците од останатите партии во Вреди остана на одлуката донесена на претседателството на партијата на Локалните избори во октомври да настапат со посебни советнички листи „и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во Општините каде што излегуваат“. Вечерва во партиското седиште воТетово, раководството на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Таравари, ќе одржи состанок на кој се очекува да ја потврди одлуката за излегување од Владата..