Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Битола Отворен град 2023“: Крикот на урбаната култура и борба за освојување простор за младите

Меѓународниот младински арт фестивал „Битола отворен град“  во организација на Младински културен центар – Битола (МКЦ-Битола) е традиционален уметнички фестивал кој 22 години ја слави алтернативната уметност и урбаната култура, стимулира културен активизам, ја инспирира публиката да биде свесна и отворена за нови прогресивни идеи и придонесува за развој на културниот туризам во Битола.

Златко Талевски, МКЦ Битола

Според извршниот директор на МКЦ Битола, Златко Талевски, фестивалот ги обединува младите луѓе од различни локации од Европа, со различни афинитети, интереси и професионална определба да споделат свои ставови, искуства, вредности, користејќи креативни методолошки алатки за имплементирање на активности кои поттикнуваат и ги јакнат општествените вредности и го промовираат интеркултурниот дијалог. „Битола отворен град“ претставува бренд за поврзување на култури, размена на искуства, мислења и ставови и за креирање на нови партнерства и соработки.

Програмата на фестивалот за 2023 година вклучува креативни работилници, уметнички интервенции во јавен простор, изложби на млади уметници, журки на зајдисонце со диџеи во старата битолска чаршија, концерти на млади и свежи нови сили на локалната музичка сцена од Битола во Скејт паркот.

Фестивалот оживува нови културни простори, а оваа година за прв пат ќе имаме техно хаус журка пред култната Соколана (ТДУ Партизан) во Градскиот парк во Битола со настап на DJ JOE DIEM од Барцелона, Шпанија и поддршка на нашите DJ BOC.A и DJ AVENSIS.

Големиот музички хепенинг е заштитен знак на фестивалот и ќе се одржи во сабота 24 јуни во Градскиот парк во Битола со почеток во 20.30 часот. Ќе настапат LUCENT авторски македонски doom rock бенд од Битола, ARUMBO румба-фјужн бенд од Шпанија со членови од Белгија и Каталонија со танцувачки песни и мелодии од срце и REPETITOR гаражно рок/пост-панк трио од Белград, Србија, кои се несомнено еден од најистакнатите бендови од Балканот. Одлична комбинација на бендови за потполно уживање во урбаниот звук.

Сите настани на фестивалот се на отворени и алтернативни простори, без наплаќање на влезници и достапни за сите љубители на урбаната култура.

„Битола отворен град е крик на урбаната култура. Борба за освојување на културен простор кој го посветуваме на новите млади генерации. Користењето на нови и алтернативни локации на фестивалот му дава нова свежина за пренесување на пораката за слобода и нова енергија за промоција на интеркултурната соработка. Фестивалот расте и се менува секоја година, а она што единствено останува исто е борбата за урбаната култура. Битола отворен град е платформа за храбра и независна мисла и упорен застапник за промена на културните обрасци во градот, земјата и регионот“ – изјави Златко Талевски, Извршен директор на МКЦ-Битола.

Фестивалот е во организација на МКЦ-Битола со поддршка на Министерството за култура, Општина Битола во рамките на БИТФЕСТ и спонзори и поддржувачи од бизнис секторот. Во продолжение ја пренесуваме програмата:

21 јуни 2023 – среда

09.00  12.00  – Уметнички интервенции во јавен простор

Омразата на битолските ѕидови – уметнички крик против говорот на омраза преку графити и цртежи

Локации: СОУ Таки Даскало – Битола, ОУ Стив Наумов – Битола, Градинка Пролет – Битола

22 јуни 2023 – четврток

19.00 – 21.00 Пешачка зона Стара битолска чаршија, на калдрма, покрај река Драгор

Golden Hour – the party starts now with DJ BERRYQYAT (Битола)

22.00 – 00.30 ТДК Партизан Соколана –  Градски парк Битола

The Party Goes On! DJ BOC.A – Битола, DJ AVENSIS – Виница, DJ JОЕ DIEM –  Барселона, Шпанија

23 јуни 2023 – петок

11.00  – 15.00  Летна сцена во МКЦ – Битола

Изложба на цртежи, графики и фотографии од млади уметници

– Our NATION is imagiNATION – графити работилница

– DJ Кикец

19.30 Скејт парк Градско шеталиште Битола

Изложба на цртежи, графики и фотографии од млади уметници

21.30 – 00.00 Скејт парк Градско шеталиште Битола

Концерт на музички групи: EVERESTTSAR VON TIMESINFUL GLARE

24 јуни 2023– Сабота

20.30 – 00.30  МУЗИЧКИ ХЕПЕНИНГ – Градски парк Битола

LUCENT (Северна Македонија) ARUMBO (Шпанија/Белгија) REPETITOR (Србија)

Редакција Трн

Треба да знаете
Moже да ве интересира