Битолчани дочекаа да им се поплочи улица

Жителите од трите краци на улицата 16-та (поранешна „Шеснаесетта“) во Битола конечно добија уреден пристап до своите домови. Поплочувањето со бехатон плочки е во тек и треба да стави крај на калта и нерамниот терен по кој, особено во дождливиот дел од годината, жителите досега се пробиваа до куќите.

Инфраструктурниот зафат доаѓа по претходното асфалтирање на главниот дел од улицата 16-та, инвестиција вредна околу 1,5 милиони денари. Сега битолското претпријатие „Нискоградба“ работи на трите краци, кои се поплочуваат со бехатон плочки во вредност од речиси 1,8 милиони денари. Со тоа, вкупната инвестиција за оваа мала, но клучна улица во населбата надминува 3,3 милиони денари и практично ја заокружува реконструкцијата на коловозот и пристапот до домовите.

Според Општина Битола, проектот за поплочување на краците на улицата 16-та е дел од поширок пакет локални инфраструктурни зафати, со кои се подобруваат условите за живеење во повеќе делови од градот. Градоначалникот Тони Коњановски изврши увид на терен заедно со претставници на општинската администрација, при што беше нагласено дека токму ваквите, на прв поглед мали проекти, носат конкретно подобрување за секојдневниот живот на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен