Наместо вечер на смеење и аплаузи, НУ Народен театар Битола синоќа доби уште една лекција за тоа како безбедносниот систем знае да го прегази културниот живот. Претставата „Жиголо“, закажана на Новата сцена, беше откажана буквално во последен момент, иако актерската екипа беше подготвена, а пред службениот влез на театарот, како што соопшти институцијата, се собра „огромен број гледачи желни за театар“.
Во објавата на официјалниот фејсбук-профил, театарот вели дека „системот го ‘киднапираше’ театарот“ – формулација што добро го сумира чувството на институција оставена без простор за маневар. Причината за одложувањето е одлуката на Министерството за внатрешни работи: два часа пред почетокот на претставата, МВР го известува театарот дека настанот што паралелно се одржува во салата на НУ Центар за култура Битола е класифициран како „од висок безбедносен ризик“ и ги пломбира вратите на влезот на Новата сцена. Со тоа фактички се спречува одржувањето на претставата. Театарската претстава била закажана во исто време со настанот – Централна манифестација по повод 117 годишнината од Битолскиот конгрес, чиј домаќин беше заменик претседателот на Владата Арбен Фетаи а на настанот присуствувал и косовскиот премиер Албин Курти.
Од театарот јавно реагираат дека ваквиот потег е некоректен – не само кон институцијата и ансамблот, туку пред сè кон публиката. Луѓе кои веќе купиле билет, ја испланирале својата вечер и се појавиле пред театарот, дознале дека претставата нема да се игра кога веќе буквално стоеле пред влез. Управата на театарот се извини на сите посетители и најави конкретни чекори: од понеделник граѓаните ќе можат да дојдат во просториите на театарот и да побараат рефундација на средствата или замена на билетите за друга претстава.
Овој случај отвора неколку непријатни прашања за начинот на кој институциите комуницираат кога безбедносните протоколи се судираат со културниот живот. Никој сериозно нема да тврди дека МВР не треба да реагира кога проценува висок ризик, особено во затворени простори каде се собира голем број луѓе. Но, кога таквата проценка доаѓа само два часа пред претстава, без претходна координација и без обид да се најде решение што нема целосно да го парализира театарот, впечатокот е дека културата повторно е последна во редот.
Од понеделник, гледачите ќе можат да си ги повратат парите или да ја заменат нивната вечерна „Жиголо“ за некоја наредна претстава.

