Апликацијата која овозможува разговор со починати членови на семејството пристигна. Бизарна и вознемирувачка, таа предизвика голем број критики. Стручњаците предупредуваат дека оние кои ја користат, практично отвораат Пандорина кутија.
Апликацијата 2Wai предизвика голема бура откако беше прикажано како корисниците можат да разговараат со AI аватари на своите починати најблиски.
Во видеото кое предизвика реакции, трудница разговара преку телефон со дигитална верзија на својата мајка, а потоа нејзиниот син продолжува “да разговара” со виртуелната баба во секојдневни ситуации. Целта на компанијата е создавање трајна дигитална архива на луѓето кои ни биле важни.
Реакциите на интернет не беа нежни. Многумина ја опишаа технологијата како нешто непријатно, вештачко и целосно погрешно, додека други изразија страв од тоа колку се замаглуваат границите помеѓу дигиталниот живот и вистинските емоции.
Постои паралела со култната епизода на серијата Black Mirror, каде девојка користи дигитална верзија на починатиот партнер. Разликата е што сега ова се случува во реалноста и е достапно преку платформата App Store. Апликацијата веќе овозможува создавање интерактивни аватари врз основа на гласовни снимки и фотографии, а верзијата за Android наскоро ќе биде достапна.
Стручњаците предупредуваат дека ваквата технологија може да влијае на процесот на жалост, особено кај децата, бидејќи ги брише природните граници помеѓу сеќавањето и вистинската личност. Ова отвора бројни прашања за способноста на човекот да се соочи со тешки моменти во животот, а некои сметаат дека користењето на апликацијата може да ја отвори „Пандорината кутија“ на проблеми со визуелизација на оние кои веќе не се со нас.
Компанијата 2Wai тврди дека гради мрежа која во иднина би можела да служи како дигитална архива на цели семејства. Сепак, како што AI станува се пореалистичен, се отвораат прашања за приватност, емоции и граници кои можеби не треба да се преминуваат.
Ова ја става апликацијата 2Wai во центарот на глобалната дебата за тоа што AI смее да прави со нашите сеќавања и колку далеку сме подготвени да одиме за да го задржиме некој кој повеќе не е тука.

