Блаже Миневски – прв македонски добитник на наградата „Bookstar“ 2025

Со големо задоволство објавуваме дека наградата „BookStar“ за најзначајна книга меѓу двете изданија на фестивалот му се доделува на Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025). Со оваа книга Миневски уште еднаш го потврдува своето врвно раскажувачко мајсторство. Во книгата како во магионичарски перформанс се преплетуваат традицијата и современоста, хуморот и горчината, реалното и фантастичното, историското и личното. Расказите функционираат како дестилат на вековната усна македонска наративна традиција, претставувајќи богатство од стилови и пристапи – од репортажа и фељтон до фасцинантна и имагинарна фикција. Дел од расказите се веќе објавени како добитнички на највисоките можни награди за расказ и имаат стекнато извонредни критички реакции од домашната и меѓународната јавност. Кај Миневски е особено уочливо виртуозното поигрување со нарацијата, оригиналноста во обработката на историските теми, камелеонското менување на стилот и фокализаторот до непрепознатливост, како и способноста да се оживеат различни слоеви од видливото и невидливото. Со книгата „Опаш во устата“, Миневски не само што го потврдува својот раскажувачки глас како водечки во македонската литература туку ја збогатува современата проза, создававајќи дело кое може да се пренесе и надвор од локалниот контекст, отворајќи ја домашната книжевност кон пошироки културни хоризонти.

Блаже Миневски (1961) е прозаист и драмски автор. Автор е на десет романи. За романот „Нишан“ ги доби наградите „Стале Попов“ и „Роман на годината“, и наградата на Град Скопје – „13. Ноември“, а за романот „Свирци“ – наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата Македонија презент. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје. За романот „Ако се родат некакви чувства“, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски ги доби наградите „Стале Попов“ и „Рациново признание“ по вторпат. Освен досега објавените романи, Миневски има публикувано и неколку книги раскази, меѓу кои се „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“ за која го доби престижното „Рациново признание“. Неговите драмски текстови со години беа на репертоарите на македонските професионални театри, но се играа и како премиери на Охридско и на Скопско лето, а за пиесата „Немушт јазик“ ја доби наградата на МНТ за најдобар драмски текст во 2001 година.

Романите „Јас, Тито и Мики Маус“, „Нишан“ и „Мрежата на мамли“ се преведени и објавени на српски јазик во Белград, а романите „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ и „Мемоарите на една млечка“ се преведени и објавени на бугарски јазик. Романот „Нишан“ е преведен и објавен на англиски, италијански, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески и на полски јазик. Англискиот и полскиот превод на романот „Нишан“ влегоа во конкуренција за наградите „Impact Dublin”во Ирска и „Angelus“ во Полска. Блаже Миневски е застапен во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа, а за неговите раскази, преведени на повеќе од дваесет јазици во светот, е многукратен добитник на наградите „Студентски збор“, „Нова Македонија“, и „Живко Чинго“.

Наградата ќе биде доделена на отворањето на Фестивалот на 29 септември од 19.30 ч. во Салата Империјал 2 на Културно-информативниот центар. Наградената книга ќе ја претстави проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Наградата „BookStar“ се доделува од 2016 година. Првите две години од воведувањето во фокус беше книгата што поттикнала најголем интерес помеѓу две фестивалски изданија, но потоа се доделува на актуелна книга или автор во текот на претходната година. Наградата се состои од плакета и статуетка дизајнирана од Игор Делов. Дeл од досегашните добитници се: Светлана Алексиевич, Николо Аманити, Евгениј Водолазкин, Наџат ел Хачми и други. Миневски е прв македонски добитник на оваа значајна награда, и тоа во годината кога „BookStar“ го свртува своето внимание кон домашната литература и предизвиците со кои се соочуваат македонските писатели.


Сите учесници на BookStar

Во изборот на учесници Фестивалот прави одлична комбинација од современите европски гласови и домашни автори и тоа од сите генерации, како имиња кои веќе се препознаени како современи класици, така и помлади, обидувајќи се на едно место да ги собере речиси сите актуелни добитници на значајни книжевни признанија во текот на минатата година.

Александар Прокопиев (1953) е автор на дваесетина книги (збирки раскази, новели, есеи и еден роман), а нивните преводи на балкански и на светски јазици се уште побројни. Во 2000 година Енциклопедија Британика ја истакна неговата книга на хибридна проза „Антиупатства за лична употреба“ како едно од најинтересните годишни изданија од Југоисточна Европа. Во 2011 година, за книгата бајки за возрасни „Човечулeц“ ја доби угледната меѓународна награда „Балканика“.

Ахмет Умит е роден во Газијантеп (Турција) во 1960 година. Дипломирал на Катедрата за јавна администрација при Универзитетот „Мармара“. Во периодот 1985–1986 година студирал политикологија на Академијата за општествени науки во Москва. Неговата прва книга е збирка поезија, објавена во 1989 година. Во 1992 ја објавува својата прва книга раскази. Следуваат неколку збирки детективски раскази. Неговиот прв роман „Магла и ноќ“ (1996) се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Умит е автор и на графички романи со инспекторот Невзат. Филмот „Збогум, моја убава татковино“ е направен според негово сценарио. Делата му се преведени на триесет и седум различни јазици и достигнале огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави. Бил и водител на ТВ-емисијата „Градот во кој живееш“, посветена на подигнување на свеста за урбаната култура, зачувување на историјата на градовите и развој на мултикултурализмот. Во 2006 година, благодарение на романите „Патасана“ и „Белезијата на Нината“, бил избран за член на Турскиот институт за антиквитети, а во 2023 бил избран за член на Германскиот археолошки институт.

Ермис Лафазановски (1961) e современ македонски раскажувач, романописец, историчар и теоретичар на литературата, фолклорист и преведувач. Има објавено повеќе трудови од областа на фолклористиката, книжевноста и културната антропологија. Исто така, дал значаен придонес во современата македонска проза. Поради иновативниот пристап во раскажувањето, добитник е на неколку книжевни признанија, како што се: наградата „Стале Попов“на ДПМ, наградата „Прозни мајстори“ и наградата „Оливера Николова“ 2025. Неговиот книжевен опус се состои од повеќе романи, збирки раскази и научни студии. Активно се занимава и со превод на современата романска проза на македонски јазик.

Блаже Миневски (1961) е прозаист и драмски автор. Автор е на десет романи. За романот „Нишан“ ги доби наградите „Стале Попов“ и „Роман на годината“, и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“. За романот „Ако се родат некакви чувства“, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски ги доби наградите „Стале Попов“ и „Рациново признание“ по вторпат. Неговите драмски текстови со години беа на репертоарите на македонските професионални театри. Книгите му се преведени и објавени на англиски, италијански, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески и на полски јазик.

Оливера Ќорвезироска е родена 1965 година во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Авторка е на две книги поезија, три книги за деца, три книги критика и есеистика, три романи и осум книги раскази за возрасни. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија. За „(С)плетени раскази“ ја има добиено наградата за најдобра прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија – „Стале Попов“ за 2003, а за романот „Три Марии“ – Рациновото признание за 2025. Романот „Заклученото тело на Лу“ влезе во финалето за Роман на годината за 2005 година.

Онджеј Штиндл (1966) е чешки писател, новинар, филмски и музички критичар, сценарист и ди-џеј, познат по неговиот придонес кон современата чешка литература и медиуми. Студирал на Факултетот за образование при Карловиот универзитет во Прага. По Сомотната револуција во 1989 година, го коосновал Радио 1. Кариерата во новинарството ја започнал на почетокот на 1990-тите, со текстови за списанието „Revolver Revue“. Штиндл е автор на повеќе романи. Напишал и неколку филмски и ТВ сценарија. Во 2020 година ја добил престижната награда „Фердинанд Пероутка“ за неговиот новинарски труд, која ја признава неговата голема улога во чешките медиуми и култура.

Владимир Мартиновски (1974) е македонски поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач и антологичар. Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle. Работи како редовен професор по предметите „Компаративни поетики“ на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од септември 2023 година ја извршува функцијата декан на тој факултет. Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици, а застапена е во голем број антологии и тематски избори.Мартиновски се занимава и со музика при што учествувал во музички проекти и изданија на: Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“.

Мајнхард Раухенштајнер, роден во 1970 година во Виена, студирал филозофија, теологија, филмска уметност и политички науки на Универзитетот во Виена, Академијата за ликовна уметност и Универзитетот за применета уметност. Публикувал во дневни весници и во периодични списанија. Седум години предавал на Универзитетот за применета уметност во Виена, на отсекот за фотографија. Повеќе од дваесет и пет години работи во Претседателскиот кабинет, а во моментов е раководител на Одделот за наука, уметност и култура на претседателот на Австрија. Досега објавил пет збирки раскази и кратка проза.

Калина Малеска (1975) е писателка, професорка, книжевна преведувачка. За романот Светот што го избрав ја доби наградата Роман на годината за 2024 што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Нејзиниот расказ „Поинаков вид оружје“ е застапен во антологијата Best European Fiction 2018. Добитничка е и на неколку книжевни резиденции. Работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје.

Петра Клабоухова (1980) е чешка писателка и новинарка родена на 20 август 1980 година. Работела како музички менаџер за независни рок-артисти во Европа и САД, каде што организирала концерти во живо. Како новинарка, започнала како уредничка во регионалните весници на издавачката куќа „Vltava Labe Press“, а подоцна, по нејзините долготрајни работни престои во странство – во Италија, Холандија, Шведска и Калифорнија (САД) – соработувала како надворешна уредничка и на други медиуми. Исто така, пишува и објавува на италијански јазик во издавачката куќа „La Feltrinelli“Покрај литературното творештво, од 2004 година активно работи и во музичката индустрија. Таа ги претставувала рок-бендовите Hollywood Vampires (основан од Алис Купер, Џони Деп и Џо Пери), SEX Department и Rock N Roll Army на нивните турнеи низ Европа, САД и Јапонија, и учествувала во продукцијата на нивните музички албуми во Perris Records (САД, Тексас) и во Чешка, во Popron Music.

Жарко Кујунџиски (1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, раскажувач, поет, филмски и книжевен критичар, преведувач и издавач. Дипломирал во 2003, а во 2009 и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.Автор е на 14 книги, како и на водичот „Скопје“ (2015) во склоп на проектот „Откривајќи ја одново Европа“ на Little Global Cities. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински, арапски и на албански јазик. Застапен е во огромен број антологии на македонската проза и поезија. Актуелен добитник е на наградата „Стале Попов“, за збирката раскази „Приказничар“.

 Серај Шахинер е турска писателка родена 1984 година во Бурса. Во 2007 година дипломирала на Катедрата за новинарство во Истанбул. Почнала да пишува на млада возраст. Од првата година на факултет работела како новинарка во студентско списание. Во 2011 година магистрирала на Одделот за кинематографија при Катедрата за радио, телевизија и филм. Работела како новинарка за култура и уметност во неколку весници. Долго време посетувала часови по гитара и сликање, а била и извидник и планинарка. Била и келнерка, физички работник и машински оператор во шивачката работилница на својата мајка. Пишува проза и публицистика. Добитничка е на неколку награди за расказите и за романите, а дел од нив се поставени и како театарски претстави. Делата на Шахинер се насочени кон класните прашања и напишани се со хумористичен стил, со жени во центарот на вниманието.

Шоле Резазаде (1989) се преселила во Холандија од Иран во 2015 година. Три години по нејзината преселба, потпишала договор за првиот роман „Небото секогаш е виолетово“ за кој ја добила Наградата за дебитанти на Друштвото за холандска книжевност и Наградата на публиката „Бронзена був“. Романот беше и на пошироката листа за наградите „Либрис“ и „Хебан“. Нејзиниот втор роман „Знам планина што ме чека“ доби Специјално признание од Наградата за литература на Европската Унија (2024) и беше номиниран за Наградата за книжевност „Амарте“ и за Наградата за книга за природа.Нејзината прва збирка поезија „Земи простор, рече морето“ за кратко време доживеа неколку тиражи.Таа е ценета рецитаторка и јавна говорничка.

Сања Михајловиќ-Костадиновска (1982), поради сплет на околности, работи на Филолошкиот факултет како професор по шпанска книжевност. Случајно станува писателка на следниве книги: „517“, „(Бес)конечни модели на расказот“, „Во кратки црви“, „Сонувалко“ и „Атолото“. Во моментов не пишува ништо заради немање време или инспирација, не знае точно, но креативното пишување наспроти здодевното академско пишување секогаш го доживува како ослободувачки чин.

Иван Шопов е роден 1987 година во Скопје. Дипломирал Општа и компаративнa книжевност. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), книгата собрани сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018), збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ (2020) и збирката кратки раскази „Зентрифуга“ (2024). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на десетина јазици. На македонски јазик превел книги од Мирослав Крлежа, Марта Нусбаум, Звонко Карановиќ, Мадлен Тиен, Бојан Бабиќ, Асја Бакиќ, Михаил Вешим, Емброуз Бирс, Драгослав Михаиловиќ… Заедно со Владимир Лукаш, го основал Културниот центар 750.

Иван Антоновски (1990) – поет, раскажувач, есеист, книжевен истражувач и преведувач, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (Катедра за македонска книжевност и култура). Автор е на неколку поетски книги, книги за деца, книги со студии и есеи за современата македонска книжевност и книжевни преводи. Соприредувач е на четири антологии и на неколку други монографски публикации кои се однесуваат на современата македонска книжевност. Бил уредник и соработник на неколку списанија за книжевност и култура. Добитник е на неколку книжевни награди (меѓу кои: „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца за 2024 и „Живко Чинго“ за најдобар расказ во 2023) и на високи општествени признанија (меѓу кои и државната награда „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за 2024 година, за остварувања во публицистиката од интерес на Македонија).

Михајло Свидерски (1991) е македонски прозаист и поет. Автор е на романите „Бело и црвено“ (2014) – добитник на наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, „Последните денови на Ханс“ (2019) – номиниран за Наградата за литература на Европската Унија (EUPL) во 2020 и финалист за наградата „Роман на годината“ за 2020, „Синовите на Адам“ (2022) – добитник на наградата „Книжевен круг“ за најдобро прозно остварување и „Арагон“ (2025) – номиниран за наградата „Рациново признание“. Автор е на неколку поетски книги. Неговите дела се преведувани на повеќе јазици.

Дијана Петрова (1992) е двократен добитник е на престижната награда за најдобар расказ „Живко Чинго“ (2024, 2025). Професорка е по македонски јазик и литература. Дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, каде и го продолжува своето студирање на втор циклус студии. Авторка е на три објавени книги: „Бдеењето над себе“ (роман; 2018), „Не правете им сенка на гробовите“ (збирка раскази; 2020), „Излегувањето од сенка – Тајното женско училиште“ (роман; 2023). Авторка е на многу есеи и раскази кои се објавувани во неколку книжевни списанија (Современост, Литературен збор, Репер, Блесок, Окно, Медуза, Млади македонисти, Премин). Во 2023 година за нејзинот расказ „Рош хашана“ ја добива првата награда на конкурсот распишан од Фондот на холокаустот во Македонија.

Деновиве ќе биде објавена и целосната фестивалска програма.

Фестивалот „BookStar“ 2025 се одржува под слоганот „За писателцките работи“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.

Зачлени се на нашиот е-билтен