Македонското таеквондо доби нов силен поттик од младата генерација. Филип Блажевски, член на таеквондо клубот „Бутел“, синоќа во Приштина освои бронзен медал на Европското првенство за натпреварувачи до 21 година, потврдувајќи дека континуитетот на успеси на овој клуб и на репрезентацијата не е случаен блесок, туку резултат на сериозна работа.
На шампионатот во У-21 конкуренција, Блажевски стигна до подиумот со импресивен биланс – три победи и еден пораз. На патот до медалот, уверливо славеше со 2:0 против Манита Александру од Молдавија и против Олександар Јефимов од Украина, а во драматична борба со 2:1 го совлада и Ајман Бари од Франција. Единствениот пораз го доживеа во полуфиналето, но и бронзата на официјално европско првенство е резултат што го потврдува неговиот статус како еден од најперспективните македонски таеквондисти во олимписките категории.