Бледски форум: Албанија и Црна Гора влегуваат во ЕУ, Македонија остана статист

Во јубилејното издание на Бледскиот стратешки форум (1–2 септември), европската елита повторно ја стави темата „проширување“ на првата страница. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во воведното обраќање порача дека интеграцијата на Западен Балкан, Молдавија и Украина е приоритет, не ветување — јасен сигнал дека после години „перманентна криза“ ЕУ сака политичка волја да ја претвори во календар и чек-листа.

Анализира: Леон БАКРАЧЕСКИ

Но зад големите реченици стоеше и јасна географија на моќта: лидерскиот панел за перспективите на регионот го носеа премиерите на Албанија и Црна Гора, заедно со словенечкиот и хрватскиот колега и еврокомесарката за проширување Марта Кош. Македонија во Блед немаше премиерско присуство — беше застапена на министерско ниво, премиерот отвораше маалски патчиња во предизборие. Симболиката е сурова: оние што туркаат реформи седеа на „главната маса“, другите — во втората линија.

Причината не е тајна. Албанија за една година отвори четири кластери — од „Фундаменти“ до „Внатрешен пазар“ и „Конкурентност“ — и се позиционира како прв фаворит од парот што тргна во пакет со Скопје во 2022. Паралелно, Црна Гора по години стагнација почна повторно да затвора поглавја (јавни набавки) по потврдата дека ги постигнала клучните меѓурезултати во владеење на правото (23 и 24).

Македонската приказна е друга: процесот е вратен на првата пречка — уставните измени со впишување на бугарската заедница — што ЕУ-врвот повторно јавно го вербализираше како услов за отворање кластери. Пораките на Коста и на шефицата на европската дипломатија Каја Калас во Скопје беа едноствени: испорачете го договореното, потоа расправаме за рокови.

Форумот во Блед не е формален самит на ЕУ, но е огледало на моментумот. Таму се гледа кој носи реформски кредибилитет и кој кочи со домашни калкулации. Додека Тирана и Подгорица темпираат наредни чекори со Брисел, Скопје игра долга партија со внатрешни „црвени линии“ и куса дипломатска офанзива што не произведува резултат. Дури и ако ЕУ не го исполни хоризонтот „2030“, трендот од Блед е јасен: патот е отворен за оние кои се движат.

Албанија и Црна Гора влегуваат во ЕУ, Македонија остана во дупката на политичкиот инает

Ако се читаат мапите на напредок наместо партиски соопштенија, Албанија и Црна Гора се на патека што води кон членство — не утре, но со јасни „забиени колци“ на терен: отворени кластери, затворени поглавја, конкретни меѓурезултати во владеење на правото. Тирана во 2024–2025 отвори четири кластери, меѓу кои „Внатрешен пазар“ и „Конкурентност и инклузивен раст“ — критични за функционирање во единствениот пазар. Во Подгорица, по години замрзнат компресор, повторно се затвораат поглавја (јавни набавки), откако ЕУ потврди исполнување на клучните барања во поглавја 23 и 24. Тоа е јазикот што во Брисел се разбира: табели, индикатори, извршени обврски.

Македонија, напротив, исправена пред „мала“ уставна измена што стана голем политички ритуал, ја претвори европската агенда во домашна опсада.

ЕУ-врвот во континуитет — од Коста до Калас — апелира да се испорача договореното со Софија и да се деблокираат кластерите. Наместо тоа, власта и опозицијата во Скопје си испраќаат прес-конференциски ултиматуми додека политичкиот капитал од 2018–2020 морално се троши. Резултатот? Тирана веќе се мери со поглавја од „суштината“ на членството, Подгорица затвора досиеја, а ние повторно расправаме за „начело на реципроцитет“ со членка на ЕУ — без притоа да мрднеме институционален сантиметар.

Во таа смисла, Блед 2025 беше повик на будење. Лидерскиот панел за Западен Балкан го водеа премиерите Рама и Спајиќ; Македонија беше во втор план. Не затоа што „Словенците не нè сакаат“, туку затоа што сигналите се заработуваат со работа.

Европската политика е цинична, но правична во едно: наградува движење и казнува стагнација. Оние што ги „врзаа чевлите“ добија сценска светлина; оние што дебатираат за чевларот — останаа во сенка.

Може ли ова да се смени? Да, ако политичкиот инает се смени со политичка храброст. Прво, да се затвори уставната обврска и да се префрли битката на теренот на поглавја и кластери, каде државата има што да покаже: јавна администрација, дигитализација, конкуренција, зелена транзиција. Второ, да се вклучи дијаспората, академијата и бизнисот во „еден“ преговарачки фронт, како што направија Албанија и Црна Гора. Трето, да се престане со домашни митинзи за европска агенда: Европската унија не се освојува на плоштад, туку во преговарачка сала и со тивки, но мерливи реформи.

Кога Брисел тропа со рокови, тоа не е театар. По Украина и енергетската криза, проширувањето станува инструмент на стратегиска безбедност. Затоа, Албанија и Црна Гора реално можат да завршат преговори во следните неколку години, ако ја одржат брзината; Македонија може да остане на перонот — не затоа што „ЕУ не нè сака“, туку затоа што ние ја заменивме железничката карта со дневнополитички манифести. Блед беше огледало. Прашањето е: ќе се погледнеме ли конечно во него?

Зачлени се на нашиот е-билтен