Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Блинкен: Добар договор за прекин на огнот во Газа е на маса, топката е во нозете на Хамас

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека на Хамас му била претставена „многу сериозна понуда“ за договор за прекин на огнот и за заложници што „треба да се прифати“.

– Хамас би можел веднаш да го запре сето ова и да постигне прекин на огнот што ќе биде од корист за луѓето во Газа и ќе ги врати заложниците во нивните домови. Фактот што и понатаму одбиваат да кажат „да“ е одраз на она што навистина го мислат за луѓето во Газа- што не е баш многу, рече Блинкен на прес-конференцијата во Вашингтон со министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство Дејвид Камерон.

Хамас „сега има можност да се согласи со предлогот за прекин на огнот и заложниците. Топката е во нозете на Хамас. Светот гледа да види што ќе направи“, посочи Блинкен.

Тој потенцираше дека САД нон-стоп работат со Катар, Египет и Израел на постигнување договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Блинкен, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека САД не знаат точен датум кога Израел планира офанзива на градот Рафа, дополнувајќи дека очекува Вашингтон да биде информиран откако Израел ќе донесе одлука за датумот на операцијата. Блинкен истакна дека следната недела ќе има средба со израелските колеги со кои ќе разговара на оваа тема.

Блинкен, исто така, изјави дека Израел почнал да презема чекори што ги побарал претседателот Џо Бајден за да се забрза доставата на помошта за цивилите во Газа и да се осигура безбедноста на хуманитарните работници, но „се уште се работи на ова“, рече државниот секретар.

„Бевме многу, многу јасни, почнувајќи од претседателот Бајден“, им рече Блинкен на новинарите во Вашингтон, по средбата со Дејвид Камерон „Не само спроведување на обврските, туку реални резултати и резултати кои се одржливи низ цела Газа“.

Според евиденцијата на американската влада, Блинкен рече дека повеќе од 400 камиони со помош биле добиле дозвола за влез во Газа, „што е двојно повеќе од она што се случуваше досега“, иако хуманитарните групи велат дека вистинскиот проток на помош во Газа сè уште не изгледа зголемен.

„Ќе судиме според резултатите и според тоа дали тие се одржливи“, рече Блинкен. „Треба да се случи уште многу за да се осигураме дека луѓето во Газа го имаат она што им треба“, истакна американскиот министер.

Зачлени се на нашиот е-билтен