– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска повторно го повика палестинското движење Хамас да го прифати „без дополнително одлагање“ предложеното примирје со Израел, кое исто така вклучува ослободување на заложниците во Појасот Газа.
Хамас претходно соопшти дека го проучува предлогот.
-Нема повеќе одложување, нема веќе изговори. Сега е време за акција, им рече Блинкен на новинарите во Јордан, непосредно пред да отпатува за Израел на својата седма регионална турнеја од почетокот на војната.
Бликен додаде дека наскоро треба да се постигне договорот.
Запрашан за намерата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да почне копнена офанзива во Рафа, Блинкен одговори дека приоритет на Вашингтон е да постигне договор за прекин на огнот.
-Тоа е најдобриот, најефективниот начин да се ублажи страдањето и да се создаде средина каде што можеме да се надеваме дека ќе се движиме кон нешто што е навистина одржливо и носи траен мир на луѓето на кои очајно им е потребен, рече Блинкен.