Голема израелска офанзива во Рафа би предизвикала „хаос и анархија“ без елиминирање на палестинското движење Хамас, предупреди денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен, признавајќи дека во војната се убиени повеќе цивили, отколку припадници на Хамас.
– Планот што Израел во моментов го разработува за Рафа ризикува да предизвика огромна штета на цивилното население без да се реши проблемот. Сè уште ќе има илјадници вооружени припадници на Хамас дури и со интервенција во Рафа, изјави Блинкен за американската телевизиска мрежа Ен Би Си, пренесува Бета.
Според него, израелската интервенција во Рафа би ризикувала создавање „хаос“ и „анархија“, и на крајот враќање на Хамас.
– Видовме дека Хамас се враќа во областите што Израел ги ослободи на север, дури и до Кан Јунис, рече Блинкен.
Американските власти јавно се заканија дека ќе ја прекинат испораката на одредени категории оружје на Израел, вклучувајќи и артилериски гранати, доколку Израел започне голема офанзива во преполниот со бегалци град Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, на што се противи претседателот Џо Бајден.