Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја повика Кина, партнерот на Иран, да влијае за смирување на ситуацијата на Блискиот Исток, каде една недела трае конфликтот меѓу Израел и исламистичкото движење Хамас.
Шефот на американската дипломатија, кој беше во посета на Саудиска Арабија, имаше „продуктивен“ едночасовен разговор со својот кинески колега Ванг Ји, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
„Тој мисли дека е во наш заеднички интерес да го спречиме ширењето на конфликтот“, им рече Милер на новинарите кои го следеа Блинкен во авион од Ријад за Абу Даби.
„Тој мисли дека би било корисно за Кина да го искористи своето влијание“, рече Милер.
Пекинг одржува добри односи со Иран, чии лидери го поддржуваат Хамас, палестинското исламистичко движење кое изврши крвав напад во Израел на 7 октомври и предизвика војна во која загинаа илјадници луѓе.
Исламската Република ја поддржува и либанскиот Хезболах, шиитска група која една недела разменува оган со Израел на јужната граница на Либан.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји му рекол на Блинкен дека Вашингтон мора „да одигра конструктивна и одговорна улога во враќањето на прашањето за политичко решение што е можно поскоро“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.